вторник, август 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пожарот кај Чичево повторно излезе од контрола

Пожарот кај Чичево повторно излезе од контрола

18

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13 часот се регистрирани 11 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, еден е ставен под контрола, а четири се изгаснати.

Активни се пожарите во Студеничани, Зелениково, Гостивар, Чашка, Пробиштип, Градско и Кичево. Пожарот во Тајмиште, Кичево, е ставен под контрола, додека изгаснати се пожарите во Сарај, Гостивар, Куманово и Берово.

Во меѓувреме, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека пожарот меѓу селата Горно и Долно Чичево повторно излегол од контрола.

„Пожарот што избувна на територијата меѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево се прошири. За жал, сега ја изгубивме контролата над него. Се работи на терен со сува трева, кој зафатил голема површина“, изјави Ангелов.

Тој додаде дека пожарот се движи кон сртот, додека пожарникарите се обидуваат да го задржат и да ги заштитат овоштарниците и околните објекти.

„Тука ќе има долга и тешка битка, можеби неколкудневна. Веднаш беше побарана помош – државни трактори, хеликоптер од МВР, но и тоа не е доволно. Сега се испратени и четири специјализирани противпожарни возила „Пинцгауер““, рече Ангелов.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата со пожарите на терен.

ИЗДВОЕНИ