Во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми“ (Sale d’Armi) во Венеција, на 9 мај, свечено ќе биде отворен македонскиот павилјон во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – Венециско биенале за архитектурата 2025 (La Biennale di Venezia), што ќе трае од 10 мај до 23 ноември оваа година.
Македонија ќе се претстави со проектот „Strada Brutalissima“ (Страда бруталисима), под кураторство на Благоја Бајковски, што е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ- Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска-Брзанова и Фросина Зафировска.
Бајковски е доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје и досега, како дел од тим, двапати има учествувано на Венециското биенале за архитектура.
– „Strada Brutalissima“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Главната цел на „Strada Brutalissima“ е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата (strada) претставува кураторска алатка за обликување патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“ – посочуваат од Националната галерија на Македонија.
Како што појаснуваат, изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување.
– Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје, кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и кратки дефиниции за скопскиот брутализам. „Strada Brutalissima“ укажува како може колективното размислување за бруталистичката архитектура да поттикне нови форми на архитектонска мисла, кои предизвикуваат, информираат и ја трансформираат идната архитектонска практика и генерираат нови визии за современата архитектура. На овој начин, проектот се вградува во генералната тема на претстојната Деветнаесетта меѓународна изложба на архитектурата во Венеција, насловена „Интелигенти. Природни. Вештачки. Колективни“, курирана од италијанскиот архитект Карло Рати – додаваат оттаму.
Проектот е во организација на Националната галерија на Македонија, во соработка со Архитектонскиот факултет – Скопје, а поддржан од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам.