Чешкиот премиер Андреј Бабиш вчера изјави дека Чешката Република го почитува принципот на колективна одбрана во рамките на НАТО и дека, на пример, доколку Полска биде нападната, таа сигурно би ѝ притекнала на помош во согласност со Членот 5 од Договорот на НАТО.
„Чешката Република, се разбира, ќе го почитува Членот 5 од Договорот на НАТО во врска со колективната одбрана“, рече Бабиш вчера по владината седница. Тој додаде дека не сака да ја коментира изјавата дадена минатата недела од словачкиот премиер Роберт Фицо, кој ја доведе во прашање колективната одбрана и јасно изјави дека Словачка нема да му помогне на нападнат сојузник „поради некаков си Член 5“.
На прес-конференција во Прага, Бабиш изјави дека не добил информации од разузнавачките служби кои укажуваат на конкретна закана од руски напад со беспилотни летала или ракети врз Чешката Република, иако минатата недела – за првпат – призна дека Русија навистина води хибридна војна против земјата.
„Полска е во поинаква ситуација бидејќи војната во Украина се одвива во нејзина непосредна близина. Ако се случи нешто, се разбира, ќе ѝ помогнеме на Полска во согласност со Членот 5“, рече Бабиш.
Бабиш исто така спомена разговори со чешкиот претседател Петр Павел во врска со разузнавачките податоци кои укажуваат дека Европа би можела да се соочи со ескалација на хибридни напади од Русија во наредните месеци, истакнувајќи дека чешката влада ги засилува напорите и ги спроведува сите неопходни безбедносни мерки.
„Гледаме што се случува во Европа и во светот. Можам само да го повторам она што постојано го кажувам: Европа конечно треба да почне да преговара за мир, а не тоа да му го препушта само на претседателот Трамп“, рече Бабиш.
Чешкиот претседател Петр Павел, кој моментално е во посета на Њујорк, ја пофали владата за нејзиниот цврст став за колективната одбрана по изјавата на Бабиш, а тој исто така одговори на обвинувањето на словачкиот премиер Фицо дека – како пензиониран генерал – тој е желен за војна.
„Сум слушнал слични аргументи и претходно – дека генералот е тој што ја вовлекува земјата во војна, додека другите сакаат мир. Мирот нема да го постигне некој што само се преправа дека го сака, а не е подготвен да направи ништо за да го обезбеди. НАТО нема да функционира ако не сме подготвени да поднесеме жртви и за безбедноста на другите“, им изјави Павел на чешките медиуми во Њујорк. Чешкиот претседател предупреди дека изјавите со кои се доведува во прашање Членот 5 (за колективна одбрана) се опасни во сегашната безбедносна клима, додавајќи дека е подеднакво опасно кога луѓето го повторуваат и шират рускиот наратив под превезот на патриотизмот.
„Ако некој денес го поддржува рускиот наратив – кој е сосема објективно искривен и нè наведува да ја изгубиме довербата во нашите институции и сојузници – тогаш тоа е апсолутно спротивно на нашите национални интереси“, рече Павел.
Чешкиот претседател додаде дека, иако некој може да се крие зад патриотизмот, доколку ги става интересите на Русија пред оние на сопствената земја, тој секако не може да се смета за патриот.
Петр Павел истакна дека словачкиот претседател Петер Пелегрини – кој во неделата ја критикуваше изјавата на Фицо – гледа на НАТО и на односите со сојузниците на многу сличен начин како и чешкиот претседател.












