среда, ноември 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Да пријавуваат локации со несобран отпад, ќе се побара инспекциски надзор

Да пријавуваат локации со несобран отпад, ќе се побара инспекциски надзор

0

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) започнува иницијатива за документирање на проблемот со несобраниот комунален отпад и повикува граѓаните активно да се вклучат со доставување фотографии, видеа и информации за локациите на кои се забележува несоодветно управување со отпадот.

Од здружението посочуваат дека несобраниот отпад е секојдневна глетка на повеќе јавни површини – на патот кон работното место, пред станбените згради и во близина на училиштата. Преку оваа иницијатива, МЗМП има цел да ги документира состојбите на терен и врз основа на собраните докази да поднесе иницијатива за спроведување инспекциски надзор од страна на надлежните институции.

Граѓаните кои ќе пријават вакви случаи треба да достават фотографија или видео од несобраниот комунален отпад, точна локација, како и датумот и времето кога материјалот бил направен. Пријавите може да се испратат преку приватна порака до здружението или на електронската адреса [email protected].

Од МЗМП потсетуваат дека и во текот на 2025 година побарале вонреден инспекциски надзор поради несоодветното собирање на комуналниот отпад во Скопје. По повеќекратна комуникација со Градскиот инспекторат, на ЈП Комунална хигиена и на директорот им биле издадени прекршочни платни налози.

Со новата иницијатива, здружението повторно бара институционална реакција и одговорност за состојбите со комуналната хигиена, но овој пат ги повикува граѓаните да помогнат во лоцирањето и документирањето на проблемите.

– Вие покажете каде е проблемот. Ние ќе побараме надзор и мерки – порачуваат од Македонското здружение на млади правници.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ