Прекрасна духовна атмосфера владееше во манастирската црква „Свети Спас“, каде што во неделата вечерта, во рамките на одбележувањето на денот Свети Спас – заштитникот на Гевгелија, се одржа концерт на духовна православна музика. Пред многубројната публика настапија Женскиот византиски хор „Свети Теофил Струмички“, Градскиот мешан хор „Гортинија“ и Сара Мејс.
– Времето е едно од фундаменталните својства на музиката, но кога зборуваме за духовната музика, зборуваме за време што не може да се стави во историска рамка. Духовната музика е вонвремена. Таа е музика на вечноста – истакна на почетокот од оваа исклучителна вечер, која им ги стопли срцата на гевгеличани, протојереј отец Љупчо Миланов од Гевгелиското архијерејско намесништво.
И навистина, преку ангелоподобното пеење на хористите, присутната публика имаше можност да помине низ едно вонвремено музичко патување низ вековите.
Најнапред настапи Женскиот византиски хор „Свети Теофил Струмички“, под диригентство на професорот Зоран Мазнејков, кој делува при манастирот на светите тивериополски свештеномаченици од Струмица. Тие ги исполнија композициите „Христос воскресе“, „Молитва на Богородица“, „Достојна ест“ и „О тебе радуетсја“, кои со векови ја носат молитвата на црквата.
Познатата македонска поп пејачка и харфистка, Сара Мејс, таа вечер се претстави со вокална и со инструментална изведба на келтска харфа, прифаќајќи го предизвикот да ги преточи во мелодија зборовите од Псалмот 150 на царот Давид, зборови што со векови ги тешат и крепат луѓето.
Импресивната хорска вечер беше заокружена со настапот на културниот амбасадор на Гевгелија и на Македонија низ светот, Градскиот мешан хор „Гортинија“. Под водство на диригентот, професорот Илија Атанасов, моќните гласови на младите хористки и хористи го исполнија просторот на светиот храм. Тие ги изведоа „Свечената песна за светите браќа Кирил и Методиј“ од Таки Хрисик, „Тебе поем“ од Стеван Мокрањац, „Иже херувими“ на Атанас Бадев и „Dies Irae“ од современиот композитор Мајкл Трота.
Велат дека музиката е јазик што некогаш кажува повеќе од зборовите. Но, духовната музика има уште една сила: таа не само што се слуша со ушите туку и се доживува со срцето. Црковната музика не е само обично пеење туку и молитва, таа е разговор со Бога. За црковната музика би можело многу да се зборува, но најважно од сè е да се доживее таа.
Овој концерт на духовна музика, кој публиката го доживеа со сите сетила и со кој официјално почна четиридневното прославувањето на Спасовден 2026, како што спомена отец Миланов, беше посветен на петгодишниот јубилеј од впишувањето на византиската музика под заштита на нематеријалното наследство на УНЕСКО. (Љ. А.)












