Со гала-концертот „Љубов“, на кој настапуваат сопранот Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, под диригентство на италијанскиот диригент Марко Боеми, вечерва, во 21 часот, во Античкиот театар официјално се отвори 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот веќе 66 години успешно ја гради својата меѓународна репутација претставувајќи мост меѓу културите, народите и генерациите.Програмата ќе се одвива на препознатливите охридски сцени, меѓу кои Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и Долни Сарај.
– Како директор на фестивалот чувствувам особена одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната што со децении ја обликува духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. Охридско лето не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – рече пред отварањето Цуцковски.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска -Давкова која истакна:
-Охридско лето помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културната дипломатија и универзалниот уметнички јазик. Охрид е оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, охридски духовен бисер и филигран.
Министерот за култура и туризам пак посочи дека „Охридско лето“ никогаш не било само обичен фестивал.
-Тоа е живата потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои, истакна Љутков.
Уметничката порака на фестивалот ја пренесе нашиот еминентен оперски пејач Игор Дурловски.
Во рамките на 40-дневната програма ќе бидат реализирани 50-ина музички и сценски настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји, која ќе се одвива на препознатливите охридски сцени, меѓу кои Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и Долни Сарај.
Фестивалот годинава ќе одбележи и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултет за музичка уметност – Скопје.
Во соработка со дипломатските претставништва ќе бидат организирани Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската Унија.
Пред свеченото отворање во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, се одржа традиционалниот „Подиум на млади“, посветен на новата генерација музички уметници.
Новина во годинешната програма се концертите на џез-музика, што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцените „Долни Сарај“ и „Света Софија“, со настап на врвни музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Северна Македонија.
Според Цуцковски, минатогодишното издание на фестивалот било најпосетено во последната деценија, со повеќе од 10.000 посетители и публика од над 30 земји, што, како што оцени, претставува значаен придонес и за промоцијата на Охрид како културна и туристичка дестинација.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е „А1 Македонија“, а поддршка во организацијата обезбедуваат и Општина Охрид, дипломатскиот кор и многубројни спонзори.
Фото: Вечер прес











