Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа неправилности, ограничена конкуренција и нерационално трошење пари во АД ЕСМ – Скопје. Ревизијата опфати 27 постапки за јавни набавки (спроведени во периодот 2022–2024 година) со кои во 2024 година се преземени обврски од 8,86 милијарди денари (143,56 милиони евра), што претставува 58,42 % од сите преземени обврски на компанијата што подлежат на Законот за јавни набавки.
Ревизорите детектираа директни финансиски загуби и купување стоки и услуги што биле без никаква употреба, и тоа 2,48 милиони евра (153,28 милиони денари) се платени за гасен мотор преку постапка со преговарање без оглас, под изговор за „крајна итност“. Моторот подолго време стои складиран и никогаш не е ставен во функција. Потоа, 2,29 милиони евра (141,60 милиони денари) се платени за адитив, чиј најголем дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Исто така, 1,72 милиони евра (106,20 милиони денари) се потрошени за дислокација на опрема што, исто така, воопшто не е поставена во употреба, а за над 81.644 евра е надминат законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка во текот на 2024 година.
Според државните ревизори, планирањето се правело без истражување на пазарот и анализа на потребите, поради што Годишниот план за набавки во 2024 година бил менуван дури 19 пати. Над 70 % од вкупната вредност на договорите во 2024 година завршиле кај само шест економски оператори, а во голем дел од постапките имало пристигнато само по една понуда.
Исто така, нотирани се спорни осигурителни услуги: во 2023 година биле склучени договори за осигурување од 5,8 милиони евра. Потоа, преку анекси, вредноста на три дела е зголемена за дополнителни 68,2 милиони денари, иако стручната комисија дала мислење дека понудените цени не се пазарни. Во полисите бил воведен и брокер/агент, иако такво посредување воопшто не било предвидено во тендерот.
Ревизијата нотира и приспособување на техничките спецификации кон конкретни брендови или производители, недостиг на атест за испорачаните стоки, како и прифаќање суштински измени на карактеристиките по извршената испорака, со што сериозно се прекршуваат принципите на транспарентност, конкуренција и еднаков третман.
(С. Бл.)












