Офицерскиот дом, вчеравечер, беше место за внимателно, заедничко слушање музика, со слушачката промоција на винил плочата „Полноќни приказни од Офицерскиот дом”, дел од програмата во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола. Исто така, по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, во Офицерскиот дом се отворени три нови тематски простории: Музичка соба, Градска соба и соба посветена на историјата на Офицерскиот дом. Посветени се на професорот Александар Стерјовски, кој со децении ја истражувал, запишувал и ја толкувал историјата на родниот град. Во текот на вчерашниот ден, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, оствари и средба со претставници од Сојузот на борци од Битола

Офицерскиот дом, вчеравечер, беше место за внимателно, заедничко слушање музика, со слушачката промоција на винил плочата „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“, дел од програмата во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола.
– Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски, четири музички имиња од светска класа, на вечерта во која вредеше да се остави телефонот, да се седне, да се слушне и она што обично ни бега додека животот се случува пребрзо. Еден град живее и таму каде што се неговите луѓе. Во нивната работа, во музиката што ја создаваат, на сцените на кои излегуваат. Некои од нив се далеку, со адреси и кариери низ светот, а сепак остануваат дел од она поради кое Битола има со што да се гордее. Со талент што одамна ја надминал географијата, а ја зачувал блискоста – соопштија од Општина Битола.
Гостите имаа можност да присуствуваат на слушачката промоција во пресрет на винилното издание.
Исто така, по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, во Офицерскиот дом се отворени три нови тематски простории: Музичка соба, Градска соба и соба посветена на историјата на Офицерскиот дом. Посветени се на професорот Александар Стерјовски, кој со децении ја истражувал, запишувал и ја толкувал историјата на родниот град.
Отворањето е дел од празничната програма „Сите бои на сеќавањето“ на Општина Битола и Културниот и информативен центар.
Поставките го прикажуваат музичкиот живот на градот, градската историја и минатото на Офицерскиот дом, една од зградите по кои Битола се препознава. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека еден град се памети и по начинот на кој живеел, по музиката што се слушала во неговите салони, по луѓето што ги исполнувале улиците, по зградите во кои се среќавале различни генерации.
Во текот на денешниот ден, Коњановски оствари средба со претставници од Сојузот на борци од Битола.
– По повод „4 Ноември“ – Денот на ослободувањето на Битола, градот ја истакнува должната почит кон луѓето кои ги дале своите животи за слободата во изминатите децении и денешна слободарска Битола. Тие борци и нивниот победнички дух ни оставија аманет да ја чуваме Битола, а нашата обврска е освен зачувувањето на слободата и добрата мисла, да ја градиме иднината на градот – истакна градоначалникот Коњановски.
Програмата за одбележување на „4 Ноември“ продолжи со полагање свежо цвеќе пред Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура, Споменикот на народниот херој Стив Наумов и на Партизанските гробишта.
Воедно, во Центарот за култура, со почеток во 19:00 часот се одржа и свечена академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди, по што се одржа музичко-сценскиот парформанс „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“.
(А. П.)












