Илјадници млади луѓе денеска ќе протестираат во Данска, под слоганот „Доста е“, против планот на Владата за намалување на државната финансиска поддршка за учениците и за студентите.
Според предлогот за буџетот, данската Влада планира да ја укине државната поддршка за учениците и за студентите над 18 години што живеат со родители чиј годишен приход надминува 700.000 дански круни или околу 94.000 евра. За младите чии родители заработуваат помеѓу 419.589 и 700.000 круни годишно, што е приближно од 56.000 до 94.000 евра, износот на помошта би се намалил во зависност од нивото на приход. Досега сите ученици и студенти над 18 години имаа право на државна поддршка, без оглед на приходот на нивните родители.
Според данското Министерство за високо образование, се очекува околу 14.000 млади луѓе целосно да го загубат правото на оваа помош, додека за уште 8.000 сумата ќе биде намалена.
Освен во Копенхаген, најавени се протести и во други градови во државата.












