Словенија е лидер со просечна нето плата во јуни годинава од 1.723 евра, додека Македонија е на последното место меѓу земјите за кои во моментот има официјален и споредлив податок за јуни – со околу 787 евра. Но конечната регионална листа ќе може да се направи дури откако ќе бидат објавени и податоците за Србија, Албанија и останатите земји за кои нема официјален јунски нето просек. Тогаш ќе може без статистички „мешања“ да се каже која земја е навистина прва, а која последна
Словенија има највисока просечна нето-плата меѓу земјите од регионот за кои досега се објавени официјални податоци за јуни 2026 година. Просечната плата во Словенија достигнала 1.723 евра, што е пред Хрватска со 1.555 евра и Црна Гора со 1.036 евра.
Над македонското ниво се наоѓа Босна и Херцеговина, каде што просечната нето-плата во јуни изнесувала 1.706 конвертибилни марки, односно околу 872 евра. Во Македонија, пак, просечната нето плата била 48.381 денар, или околу 787 евра.
Така, според официјално објавените податоци за јуни, редоследот е: Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија. Словенечкиот просек од 1.723 евра е за околу 168 евра повисок од хрватскиот, а разликата меѓу Словенија и Македонија достигнува околу 936 евра месечно. Со други зборови, просечниот словенечки работник во јуни примил повеќе од двојно поголема нето-плата од просечниот македонски работник.
Хрватска останува на второто место. Таму просечната нето плата во јуни изнесувала 1.555 евра, со номинален годишен раст од 7,7 проценти. Во Словенија просечната нето плата достигнала 1.723,31 евро и била за 2,5 проценти повисока од мајската.
Црна Гора е следна со просечни 1.036 евра нето. Тамошниот завод за статистика – МОНСТАТ регистрирал месечен раст од 0,3 проценти и годишен раст од 2,6 проценти. Во Босна и Херцеговина просечната нето плата достигнала 1.706 марки, што според фиксниот курс е околу 872 евра. Со тоа БиХ е над Македонија, но значително под Црна Гора. Македонскиот просек во јуни изнесувал 48.381 денар, односно околу 787 евра. Тоа е зголемување од 6,4 проценти во однос на истиот месец лани, но истовремено и пад од 1.163 денари во споредба со мај, кога просечната нето-плата била 49.544 денари. На годишниот раст најмногу влијаеле административните и помошните услужни дејности, земјоделството, шумарството и рибарството, како и транспортот и складирањето.
Треба да се истакне дека за сите земји од регионот сè уште нема официјално објавен податок за просечната нето-плата во јуни 2026 година. Во Србија, на пример, официјалниот податок за јуни е најавен за 25 август. Последната објавена бројка, за мај, е 118.398 динари нето. Албанија, пак, своите статистики за платите ги објавува квартално. Последниот достапен податок е за првиот квартал од 2026 година, а податоците за вториот квартал, кој го опфаќа и јуни, се закажани за 10 септември.
И Бугарија нема официјално објавен месечен нето-просек за јуни. Националниот статистички институт во август ги објави податоците за вториот квартал, но тие не треба произволно да се претвораат во нето-плата за јуни. Кај Косово, последниот официјален просек се однесува на целата 2025 година и изнесува 636 евра нето. Тој податок не може да се претставува како просечна плата во јуни 2026. Слично е и со Грција, каде што официјалната статистика за 2026 година објавува квартални индекси на трошокот за плати, но не и месечна официјална нето плата за јуни според методологија споредлива со Македонија, Хрватска, Словенија или Црна Гора.
(С. Бл.)












