Во Гевгелија, во преубавото опкружување на Работничкиот дом, се одржа првата вајарска колонија, една од ретките што се организираат во нашата земја. На неа учествуваа седуммина афирмирани македонски вајари: Славчо Павловски, Ангел Коруновски, Никола Пијанманов, Андреј Минески, Александар Јанев, Марјан Стојановски и Слободан Милошески. Овие вајари десетина дена твореа со дрво, мермер и со метал и создадоа дела што пленат со инвентивноста и со монументалноста.

Вајарот Дамјан Ѓуров, директор на Работничкиот универзитет, кој беше организатор на скулпторската колонија „Фигура“, за весникот ВЕЧЕР истакна:

– Беше исклучителен предизвик за само десет дена овие уметници да ги создадат своите скулптури, бидејќи се работеше во дрво, мермер и во метал. Делата што се создадоа изминатите десет дена, остануваат во нашиот град. Деновиве ќе биде испечатен и каталогот со создадените дела, по што ќе го одредиме датумот кога ќе ја организираме изложбата. Задоволен сум од овој нов простор, во Работничкиот дом, во кој и во иднина ќе организираме, покрај вајарски, и ликовни колонии и разни работилници за фотографија, за мозаици и за сито печат.

Една од повпечатливите скулптури што беа создадени на оваа колонија е делото на Никола Пијанманов, „Прегратка“, кој посочи: „Мојата скулптура, работена во железо, се базира на страдањата на децата во актуелните воени конфликти, како во Газа така и во руско-украинскиот судир. Претставува прегратка на една мајка што се обидува да го прегрне своето дете, кое како полека да исчезнува од нејзиниот дофат“.

Додека се одвиваше работата, седумтемина вајари ги посети македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар и есеист, Ефтим Клетников. Откако ги погледна скулптурите во настанување и помина извесно време во разговор со нивните творци, тој изјави: „Скулпторите со својот креативен чин, всушност, го работат она што го работел Бог кога го создавал како праобразец првиот човек што го населил човештвото, Адам, од глина. Така, всушност, тој е првиот скулптор што во своето небесно ателје го создал според својата лика обликот на човекот. И тоа е првата изработена скулптура. Скулптура на оживеаната материја. На оваа колонија работат седуммина млади уметници, еден дел од плејадата млади македонски скулптори полни со креативна енергија и магија да ја натераат ‘мртвата’ материја да проговори со јазикот на уметноста, односно попрецизно на скулптурата. Да дојде до уметнички збор материјата, било да е тоа глина, дрво, камен или метал“.

Ова е првпат во Гевгелија да се организира една ваква ликовна, вајарска колонија. Се очекува таа да стане традиционална и да има позитивно влијание на културното живеење во Општината. Организаторот планира делата што беа создадени на оваа колонија, во соработка со Општина Гевгелија, да бидат поставени на јавниот простор на Гевгелија, по примерот на многу европски градови.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ