– Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа во врска со постапката за продолжување на А-интегрираната дозвола на цементарницата „Усје“, на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана таа. За целосна транспарентност, Министерството јавно ќе го објави целиот записник – информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа. Според него, новиот закон предвидува построги еколошки стандарди, кои ќе важат и за сите оператори со А-дозволи
На почетокот од јули ќе има јавна расправа во врска со постапката за продолжување на А-интегрираната дозвола на цементарницата „Усје“. Барањето е уредно поднесено, а дозволата ќе биде обновена според новиот Закон за контрола на индустриските емисии, соопшти министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа.
Во телевизиско интервју, Хоџа посочи дека барањето за обновување на дозволата било поднесено и објавено на 22 мај годинава и оти до 22 јуни тече рокот за увид во барањето и секоја заинтересирана страна може да поднесе забелешка на постапката за обновување на дозволата.
– Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката. За целосна транспарентност, Министерството јавно ќе го објави целиот записник – информираше Хоџа.
Како што рече, барањето за продолжување на дозволата било поднесено уредно и според актуелниот закон, постапката тече и треба да заврши во март, но дозволата ќе биде обновена според новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи на сила во септември идната година. Според него, новиот закон предвидува построги еколошки стандарди и тие ќе важат и за сите оператори со А-дозволи.
Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според министерот, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и на околината.
По најавата на иницијатива „Стоп за Усје“ за протестен марш по барањето на „Усје“ за обновување на А-интегрираната дозвола, министерот рече дека ќе има средба со претставниците на иницијативата, како и со сите невладини еколошки организации и екоактивисти.
– Затоа што тие ни се партнери, не се непријатели. Како Министерство сме за дијалог со невладиниот сектор затоа што имаме иста цел: чиста и здрава животна средина. Сите се поканети да достават забелешки и ќе имаме јавна расправа – потенцираше Хоџа.
Тој соопшти дека се подготвува регистар на индустриски капацитети што поседуваат А-интрегрирана дозвола и оти тие се обврзани да го информираат Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ќе ги објавува мерењата на својата веб-страница.
За приоритетите во својот ресор од декември 2025 година, откога е на чело на МЖСПП, Хоџа посочи дека покрај мерките за намалување на загадувањето со примена на новиот Закон за контрола на индустриските емисии, се работи и на трајно решение за изградба на регионални центри за отпад.
.












