вторник, август 25, 2026
Дома СКОПСКА Скопските средни училишта добија нови, современи лаборатории и метеоролошка станица

Скопските средни училишта добија нови, современи лаборатории и метеоролошка станица

9

Нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија, се уредуваат во средните училишта на Град Скопје.

Од Град Скопје информираат дека проектот опфаќа целосно нова наставна опрема, современи дидактички помагала, интерактивна технологија и нов училиштен мебел, клупи и столчиња приспособени на потребите на учениците и наставата на 21 век.

– Со ова создаваме услови наставата да излезе од рамките на теоријата и да стане практична, интерактивна и лесно разбирлива. Наместо законите на физиката и математичките концепти да се изучуваат само преку формули напишани на табла, учениците ќе можат да ги разберат и докажат преку реални модели, прецизни мерења и практични експерименти – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека во лабораториите по хемија и биологија, хемиските реакции и процесите во живиот свет ќе се набљудуваат непосредно преку практична работа, истражување и експерименти, а не само преку текстови и илустрации во учебниците.

Според градските власти, секој кабинет е осмислен како заокружена образовна целина што ги обединува современиот училиштен мебел, специјализираната опрема, интерактивната технологија и дигиталните образовни содржини.

– Интерактивните панели ќе овозможат сложените поими да се прикажуваат преку видеа, тридимензионални модели, симулации и опити, со што часовите ќе станат подинамични, поинтересни и многу поефикасни. Со ваквото опремување, училниците во Скопје прераснуваат во средина создадена по мерка на современото образование – простор во кој знаењето станува искуство, а учениците се активни учесници во наставниот процес – нагласуваат градските власти.

Освен тоа се гради и паметен пластеник – училишна лабораторија во која образованието, науката, технологијата и земјоделството ќе се спојат на едно место.

Според градските власти, овој современ земјоделски објект ќе користи сензори, микроконтролери и паметна технологија за автоматско следење и регулирање на условите за раст и развој на растенијата.

– Температурата, влажноста на почвата, наводнувањето и прихранувањето ќе се следат и управуваат преку апликација за паметни уреди. Пластеникот ќе располага со автоматизиран систем за наводнување, систем за регулирање на влажноста на воздухот, автоматско ѓубрење, контролер за управување со наводнувањето, вентури инјектор и систем со распрскувачи. Во негови рамки ќе бидат поставени и метеоролошка станица и професионална агростаница, преку кои учениците ќе можат непосредно да собираат податоци, да ги анализираат временските и почвените услови и практично да го изучуваат современото земјоделство – објаснуваат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека пластеникот ќе се користи во текот на целата година, а со планско менување на површините и културите, во него ќе се одгледуваат градинарски, овошни и цветни култури, од расад до целосно развиени растенија.

– Ова е нов пристап кон образованието што ја поттикнува љубопитноста, ја развива креативноста и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината – сметаат од Град Скопје.

Освен тоа, средните училишта добија и нови и модерни спортски терени.

– Новите спортски терени се изведени со висококвалитетни и издржливи полипропиленски подови, од ист тип како оние што се користеа на Летните олимписки игри во 2024 година. Тоа значи поголема безбедност, долготрајност и професионални услови за тренинг, игра и натпреварување – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека на тој начин се создаваат современи и безбедни услови што ќе ги поттикнат средношколците да спортуваат, да развиваат здрави навики и правилно да го користат своето слободно време.

 

ИЗДВОЕНИ