Голем пожар избувна под скопската обиколница во близина на Визбегово, при што густ црн чад се издига и е видлив од повеќе делови на градот. Скопската противпожарна бригада на Град Скопје веднаш е излезена на терен и со сите расположливи возила, опрема и човечки капацитети и активно дејствува во справување со пожарот.

Обемот на чадот укажува дека станува збор за сериозен пожар.

– Во тек е интервенција за гаснење на пожарот кој денес избувна во Визбегово, на локација кај обиколницата, каде што е запален приватен имот каде што биле складирани стари автомобили. На терен се и инспекторите на Град Скопје, а за случајот се информирани Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, како и Јавното обвинителство – информираа од Град Скопје.

Оттаму апелираат до граѓаните за смиреност, внимателност и почитување на насоките на надлежните служби.

– Состојбата се следи внимателно, а институциите постапуваат координирано, со цел пожарот да биде ставен под контрола, да се заштитат граѓаните и да се утврди одговорност за настанатата состојба. Градот Скопје нема да дозволи неодговорното однесување и создавањето диви депонии да го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина. Секој што го загрозува јавниот интерес, мора да сноси одговорност – велат од Град Скопје.

Скопјани прашуваат како градските власти дозволуваат вакви складишта близу населени места затоа што немаат никаков протокол на работа. Лани, во јули исто така во Визбегово избувна пожар на отпад за старо железо, а густиот чад и непријаната миризба го „задушија“ Скопје. Едно лице беше повредено, а поради сериозноста на пожарот, се размислуваше размислуваше за евентуално евакуирање на населението во тој реон затоа што, како и во вчерашниот пожар гореа хаварисани возила, на кои има монтирано плински уреди и се слушаа детонации. Во гасењето на пожарот чии пламени јазици и чадот се издигаа високо до небото, беше отежната акцијата на „ер тракторот“ кој беше ангажиран од Дирекцијата за заштита и спасување.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ