Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп водела тајни разговори со Иран во врска со депортацијата на ирански државјани – дури и за време на војна – се наведува во судските документи објавени во четврток. Во документите стои дека, кон средината на октомври, американската администрација планирала да ги депортира Иранците преку трета земја, која не е именувана. Понатаму, администрацијата одржувала контакт со ирански претставници во текот на целата војна, со цел да обезбеди патни исправи и да осмисли методи за спроведување на депортациите, пренесува „Асошиејтед прес“ (AP).
Судијката Ана Рејес ѝ наложи на американската влада да го извести судот 24 часа пред финализирањето на каков било план за депортација на ирански државјани, како и да достави писмено известување пет дена пред спроведувањето на таков план.
Овој случај е дел од тековен судски спор во кој се тврди дека американските имиграциски власти споделиле доверливи информации за ирански баратели на азил со иранската влада, со што ги довеле во опасност.
Американското Министерство за внатрешна безбедност негираше дека на Техеран му доставило документација од барањата за азил.
Стотици електронски пораки разменети меѓу американските имиграциски службеници укажуваат на соработка меѓу двете земји во организирањето на депортацијата на повеќе од 100 Иранци преку три летови – реализирани во септември и декември 2025 година, како и во јануари 2026 година – пренесува AP.
Агенцијата додава дека администрацијата на Трамп, исто така, депортирала мигранти во трети земји, вклучувајќи ги Ел Салвадор, Костарика и Панама. Во јуни, една Иранка била дел од група од околу 24 мигранти кои биле депортирани од САД во Централноафриканската Република.












