Само повеќе дрвја и зелени површини ќе придонесат за намалување на екстремно високите температури и на топлинскиот стрес во Скопје, предизвикан од урбанизацијата, климатските промени и од ефектот на урбан топлински остров, покажало истражувањето спроведено од Институтот за јавно здравје, во периодот од 22 до 28 јуни 2022 година, во рамките на трудот „Урбан топлински остров и зелени површини во градот Скопје“, од аспект на здравјето на животната средина, комбиниран со податоците од далечинското набљудување. Била мерена температурата на повеќе локации во Скопје, трипати дневно: наутро, околу пладне и навечер. Биле споредувани улици и булевари со дрвореди со места со малку или без дрвја. Резултатите од мерењата покажале разлика од 7,9 °C меѓу најтоплата и најстудената измерена локација. Највисока температура била измерена на улицата „Никола Тримпаре“, каде што немало сенка од дрвја и каде што достигнала + 42 °C, додека во Градскиот парк во Скопје била измерена температура од +34,1 °C. Според истражувањето, тоа покажува дека зелените површини, особено поголемите дрвја и парковите, може значително да ја намалат температурата во урбаните средини
Центарот на Скопје секое лето е како под вршник. Жешкиот асфалт уште повеќе ја вжештува атмосферата, па секој бега под дебела сенка, кој, за жал, ја има сè помалку. Тоа не е само човечки инстинкт туку е и научно докажано. Само повеќе дрвја и зелени површини ќе придонесат за намалување на екстремно високите температури и на топлотниот стрес во Скопје, предизвикан од урбанизацијата, климатските промени и од ефектот на урбан топлински остров, покажало истражувањето спроведено од Институтот за јавно здравје, во периодот од 22 до 28 јуни 2022 година, направено во рамките на трудот „Урбан топлински остров и зелени површини во градот Скопје“, од аспект на здравјето на животната средина, комбиниран со податоците од далечинското набљудување.
Ова истражување го анализирало феноменот на урбан топлински остров (UHI) во Скопје, а особено влијанието на зелените површини и на дрвјата врз температурата во градот. Притоа била мерена температурата на повеќе локации во Скопје, трипати дневно: наутро, околу пладне и навечер. Биле споредувани улици и булевари со дрвореди со места со малку или без дрвја.
Резултатите од мерењата покажале разлика од 7,9 °C меѓу најтоплата и најстудената измерена локација. Највисока температура била измерена на улицата „Никола Тримпаре“, каде што немало сенка од дрвја и каде што достигнала + 42 °C, додека во Градскиот парк во Скопје била измерена температура од + 34,1 °C. Просечната разлика во температурата во периодот околу пладне, меѓу споредуваните локации, била 3,2 °C. Најголемите температурни разлики се појавувале во најтоплиот дел од денот.
Според истражувањето, тоа покажува дека зелените површини, особено поголемите дрвја и парковите, може значително да ја намалат температурата во урбаните средини.
Во дополнителните мерења биле споредени: пешачкиот остров на булеварот „Илинден“, пешачкиот остров на булеварот „Свети Климент Охридски“ и Градскиот парк. Просечната температура околу пладне на пешачкиот остров на булеварот „Илинден“ била 38,2 °C, на пешачкиот остров на булеварот „Свети Климент Охридски“ била 38,3 ° C , додека во Градскиот парк, 32,9 °C. Притоа, мерењата покажале оти Градскиот парк бил најстудената локација во шест од седумте испитувани дена.
Освен теренски, биле користени и сателитски податоци, кои ги потврдиле теренските испитувања, односно, според нив, во областите со повеќе вегетација температурата на површината е пониска, додека во областите со малку вегетација има повисоки температури.
Трудот воедно објаснува дека дрвјата имаат повеќе механизми за разладување, односно сенката спречува директната сончева радијација да ги загрева улиците и површините, дрвјата испуштаат вода преку листовите, со што се троши топлинска енергија и се намалува температурата. Освен тоа, поголемата вегетација создава поповолни локални услови, а дрвјата влијаат врз начинот на кој површините апсорбираат и ослободуваат топлина.
Воедно, висината на дрвјата, ширината на крошната и густината на листовите имаат значајно влијание врз нивниот ефект на ладење.
Во трудот се укажува и на тоа дека високите температури може да предизвикаат поголем топлински стрес, особено кај: постарите лица, децата, лицата со здравствени проблеми, лицата што работат или престојуваат долго време надвор, пешаците и велосипедистите.
Токму затоа се препорачува: стратешко садење дрвја покрај улиците и булеварите, зачувување на постојните зелени површини, зголемување на зелената инфраструктура, подобро урбанистичко планирање, дополнителни истражувања за влијанието на дрвјата врз здравјето на населението, мерење на висината и волуменот на крошните, како и следење на влажноста и микроклиматските услови на различни локации.
Но, и покрај тоа, урбанистичкото дивеење во центарот на градот, за жал, продолжува со засилено темпо. Постојат стратегии, документи и планови, но дали ќе биде претворено тоа што е наведено во нив во реални зелени површини, дрвореди и засенети јавни простори?
(А. П.)












