Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека Алта банка ќе биде спасена од стечај и дека наскоро ќе добие нов сопственик. Тој денеска изјави дека во изминатите денови лично бил ангажиран во изнаоѓање решение за иднината на банката, при што се очекува нејзино преземање од друга финансиска институција.

– Голем оптимист сум дека ќе имаме финансиска институција, банка, која ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите и за луѓето кои имаат некаква релација со банката – изјави Мицкоски.

Премиерот повторно ја обвини опозицијата дека водела кампања за создавање паника околу работењето на банката и дека посакувала таа да заврши во стечај. Според него, таквото сценарио нема да се реализира, а конечниот исход ќе ги демантира критиките на опозицијата.

Во меѓувреме, случајот со финансискиот сектор беше тема и на прес-конференцијата на заменикот генерален секретар и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој изнесе обвинувања за сомнителни финансиски трансакции реализирани во периодот на претходната власт.

Петрушевски тврди дека, како што рече, единствените „испрани“ пари во Македонија влегле преку Венецуела во Еуростандард банка, во периодот кога со државата раководеле Зоран Заев и Венко Филипче. Според неговите наводи, станувало збор за прва транша од 110 милиони евра, од вкупно планираните 1,6 милијарди евра за влез во банката, во период кога Венецуела била под меѓународни санкции.

Тој изнесе и тврдења за начинот на кој се одвивале трансакциите, посочувајќи дека македонска компанија купувала вештачко ѓубриво од фирма во Белорусија, по што средствата биле префрлани на сметка во Србија. Според Петрушевски, парите подоцна биле замрзнати по барање на обвинителството.

 

ИЗДВОЕНИ