Донаторството и хуманоста секогаш оделе заедно, а Скопје и скопјани секогаш несебично ги негувале низ целата своја историја. Примерите покажуваат дека тие имаат големо и широко срце, а донаторството им е во крвта. Донаторството во Скопје има долга традиција, пред сѐ во однос на градењето верски објекти. Религијата и црквата биле заштитнички што го чувале духовниот и националниот идентитет на народот. Затоа, според познатиот скопски хроничар Данило Коцевски, во Скопје има прекрасни примери кога народните маси, преку разни форми на донација, го помагале градењето на таквиот вид објекти, а познати се и солидарноста и помошта на скопјани при временски непогоди, земјотреси, поплави
Донаторството и хуманоста секогаш оделе заедно, а Скопје и скопјани секогаш несебично ги негувале низ целата своја историја.
Примерите покажуваат дека тие имаат големо и широко срце, а донаторството им е во крвта. Донаторството во Скопје има долга традиција, пред сѐ во однос на градењето на верските објекти. Религијата и црквата биле заштитнички што го чувале духовниот и националниот идентитет на народот.
Затоа во Скопје има прекрасни примери кога народните маси, преку разни форми на донација, го помагале градењето на таквиот вид објекти.
Во 1835 година била завршена изградбата на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Пајко Маало. Таа долго време била катедрална црква во градот. Но, без помошта на народот, не можела да биде изградена.
Како што напишал познатиот скопски хроничар Данило Коцевски во своите записи, во тоа време почнале да се формираат црковно-просветните општини, како знак на националното будење на македонскиот народ. Скопските трговци чорбаџии ги помагале познатите црковни општини, како и градбата на верските објекти.
– Тоа се случило и со подигањето на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Освен што донирале материјални средства, тие го организирале народот физички да помага при подигањето на црквата: каменот и материјалите се пренесувале од рака на рака за да се забрза изградбата – навел Коцевски.
Таа била опожарена во 1944 година, а потоа, на почетокот од 21 век, повторно беше изградена, преку донаторство на бизнисменот Трифун Костовски. Во 19 век, Хаџи Трајко подарил земјиште на кое била подигната црквата.
Прекрасен пример за љубовта на својот народ кон својата вера, како што напишал Коцевски, е и обновата на црквата „Свети Спас“, преку донации.
– За собирање материјални средства се ангажирале мајсторите од Старата скопска чаршија. Реставрацијата на црквата е правена подолг период, во втората половина на 19 век. Голема и бескрајна била љубовта на народот кон овој Божји храм, за кој се претпоставува дека е еден од најстарите зачувани во Скопје, а неговите првични темели се лоцираат во 16 и 17 век. Со донациите бил реставриран познатиот иконостас, изработен во резба, со мотиви од Библијата, кој бил започнат во 1819, довршен во 1824 година и изработен од Петре Филиповски-Гарката и Марко и Макарие Фрчковски. Тогаш биле изработени и дел од иконите, а во 1867 година биле завршени престолните икони. Така, со помош на народот, внатрешноста на црквата блеснала во својот полн сјај – потенцира Коцевски.
Кон крајот на 19 век била реставрирана и црквата „Свети Димитрија“, со несебична помош од голем број скопски донатори. Подоцна, во периодот помеѓу двете војни, била подигната камбанаријата со денешниот изглед, која била донација од видни скопски граѓани. Тоа донаторство е обележено со посебна плоча, на која се напишани имињата на дарителите. И изградбата на новата црква „Свети Константин и Елена“ на улицата „Македонија“ повторно беше помогната со голем број донации.
Како што кажува Коцевски, посебно е интересна приказната за донаторството поврзано со изградбата на чаирската црква „Свети Ѓорѓија“.
Според хрониките напишани од страна на чаирчани, црквата била осветена во 1928 година, од тогашниот владика Варнава.
– Повеќе здруженија на занаетчии од тоа време учествувале во донаторството. Така, на пример, во дрворез биле изработени столовите за владиците, како и оние што ги употребувале верниците. Камбанаријата на црквата „Свети Ѓорѓија“ била една од најубавите во Скопје. Камбаната била донесена од Виена, платена со средствата што биле собрани од чаирчани. Најголем проблем било да се искачи ѕвоното на врвот од камбанаријата. Тој херојски чин сам го направил гимнастичарот чаирчанец Димче Нушев, што било негов личен придонес за подигањето на црквата. Хроничарите велат, исто така, дека за прв старешина на црквата бил поставен чаирчанецот Ацо – раскажува Коцевски.
И црквата „Света Петка“ во Црниче има посебно интересна историја во врска со донаторството. Еден од жителите на овој скопски крај, како што пишува Коцевски, сонил дека е закопана икона во неговиот двор.
– Занаетчиите секогаш биле големи донатори за новите или возобновените градби во Чаршијата. При раскопувањето на дворот, се потврдило дека неговиот сон укажал на еден вистинит податок. Во својот двор, навистина открил икона – иконата на света Петка. Тој веднаш го донирал тој свој имот за да може на него да се гради храм на света Петка. Од другите донатори, како главни се споменуваат скопјаните: Коста Кранго, Антон Дерибаба, Димитар Стојанов, Никола Поп Панков и трговецот на велосипеди Диме Илиев – раскажува Коцевски.
Тој додава дека со оваа црква било поврзано уште едно донаторство.
– Имено, на црквата ѝ е подарена чудотворна икона што лекува, од скопјанката Нолчева. Таа ја пронашла иконата скриена во својот подрум, во текот на Втората светска војна, а за неа никој не знаел. Ја пренела иконата во својот стан, а иконата просолзувала при секое нејзино разболување. Иконата помагала за лекување од бездетност и други болести. По наговор на еден од свештениците на црквата, Нолчева ја подарила иконата и таа денес се наоѓа во црквата – запишал Коцевски, потенцирајќи дека многубројни биле донациите и при градбата или доградбата на световните институции, медицинските установи, културните институции, проширувањето на Универзитетската библиотека и др.
Познати се солидарноста и помошта на скопјани при временски непогоди, земјотреси, поплави. Еднакво значајни се и донациите за изградбата или возобновувањето на муслиманските верски, културни и други објекти, џамиите, медресите, библиотеките, познатите култни чешми или повторното подигање на безистенот во Чаршијата во 1899 година.
(А. П.)












