четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Складиштата за нафта и гас во Европа се празни: Подготовката за зимата...

Складиштата за нафта и гас во Европа се празни: Подготовката за зимата е под знак прашалник!

62

Цените на гасот во Европа се зголемија за 70 проценти, складиштата се речиси празни, а прекините во снабдувањето, зголемената инфлација и можноста за затегнување на монетарната политика од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголемуваат стравувањата од повторување на енергетската криза од 2022 година.

За само неколку недели, војната во Иран ја промени енергетската пресметка на Европа, а референтната цена на холандскиот природен гас TTF скокна од 38 на 54 евра по мегават час од почлетокот на месецог, со што март 2026 е месецот со најголем раст на цената на гасот од септемвруи 2021 година, пишува Еуроњуз.

Европа влезе во оваа криза во веќе ранлива позиција. Подземните складишта за гас беа полни само 28,4 проценти на 24 март, 5 процентни поени пониско од истиот датум минатата година и далеку под петгодишниот просек за ова време од годината, според податоците од Kyos European Gas Analytics.

Германија е најтешко погодена, со нивоа на складирање од само 22,3%, што е намалување од речиси 7 процентни поени во однос на истиот период од претходната година. Франција е слично на 22,1%. Ситуацијата е најкритична во Холандија, каде што нивоата на складирање паднаа на само 6,0%, што е помалку од една третина од минатогодишното ниво и далеку под најниското ниво на сите времиња за овој период од годината.

Од друга страна, ситуацијата на Иберискиот Полуостров е сосема поинаква. Португалија влегува во кризата со ниво на складирање од 85,3%, додека Шпанија е на 55,5%. Двете земји имаат корист од поразвиена инфраструктура за увоз на течен природен гас (LNG), помала зависност од гас во енергетскиот микс и силен развој на обновливи извори на енергија.

Колку би можеле да се зголемат цените на гасот?

Проблемот со снабдувањето е структурен, а не привремен. Катар, втор најголем извозник на LNG во светот и клучен снабдувач на членките на ЕУ Италија, Белгија и Шпанија, потврди дека повеќе не може да ги исполнува своите договорни обврски по нападите на Иран врз индустрискиот град Рас Лафан. Поправката на оштетените објекти може да трае до пет години.

Голдман Сакс ја зголеми својата прогноза за цените на TTF гасот за вториот квартал од 2026 година на 72 евра/MWh во својата анализа, предупредувајќи дека Европа ќе мора да привлече пратки на течен природен гас (LNG) во конкуренција со азиските купувачи за да ги наполни своите складишта пред зимата.

Во неповолно сценарио, во кое протокот на енергија низ Ормутскиот теснец е намален за десет недели, просечната летна цена би можела да надмине 89 евра/MWh. Во многу неповолно сценарио, со долгорочна штета на катарската инфраструктура, цената би можела да скокне над 100 евра/MWh во текот на летото.

Анкетата на енергетските аналитичари спроведена од „Montel News“ предвидува уште подрастични бројки. Доколку Ормутскиот теснец остане затворен три месеци, цената би можела да достигне околу 90 евра/MWh. Оле Хвалбјерг, аналитичар во шведската банка SEB, предупредува дека цените во тој случај би можеле да се движат од 115 до 155 евра/MWh.

Затворањето на Ормутскиот теснец за шест месеци би ја зголемило просечната цена на речиси 160 евра/MWh, што Хвалбјерг го опишува како „притисок во стилот на 2022 година или полошо“, со можен ценовен опсег од 145 до 240 евра/MWh.

Во такви околности, полнењето на складиштата за следната зима би станало „скоро невозможно“. Цената на гасот достигна врв од 345 евра/MWh во август 2022 година.

ИЗДВОЕНИ