вторник, октомври 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРОФЕСОРИТЕ ЈА ПОТСЕТУВААТ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА: Повторено барање Етика во религии да стане...

ПРОФЕСОРИТЕ ЈА ПОТСЕТУВААТ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА: Повторено барање Етика во религии да стане задолжителен изборен предмет 

138

Ново отворено писмо до министерката за образование, Весна Јаневска, упати вчера Асоцијацијата на професори по Етика во религиите барајќи подобар статус на овој предмет во системот на основното образование.

– Бараме итна измена на нормативната рамка во Законот за основното образование, со која предметот Етика во религиите веднаш ќе се врати во категоријата задолжителен изборен предмет и со дефинирана алтернатива и ќе добие трајно заштитен статус. Бараме и правна заштита и трајно регулирање на работниот статус на сите професори по овој предмет во процесот на оптимизација, со цел конечно да се прекине 17-годишната социјална несигурност – се наведува во писмото адресирано до министерката за образование.

Ова е ново актуализирање на проблемот со изучувањето на предметот Етика во религии по она во октомври минатата година, а чија цел е тој да добие статус на „задолжителен изборен предмет“. Пред четиринаесет години, овој предмет во основните училишта во земјава почна да се предава како таков, но во 2021 година доживеа промена на статусот и се стави во групата на „слободно-изборни содржини“. Со тоа се намали и интересот на учениците, кои освен него можеа да избираат и десетина други наставни содржини, како на пример шах, танци, ора или слично… Во тогашните контакти со Министерство за образование и со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи беше постигната согласност да се работи на остварувањето на оваа цел. Но, Асоцијацијата на професорите сега потсетува дека оттогаш досега не се работи на промената на статусот на овој предмет.

– За жал, со усвојувањето на Концепцијата за основно образование од 2021 година од страна на левичарската политичка гарнитура, предметот Етика во религиите беше деградиран од својата дотогашна стабилна позиција на задолжителен изборен предмет во категоријата на т. н. слободни изборни предмети. Она што денес го примаме со неверување е фактот дека министер на десноориентирана политичка гарнитура не само што не се обидува да ја исправи оваа неправда туку и продолжува да го поддржува овој парадокс. Министерството кое припаѓа на конзервативната политичка гарнитура директно ги прекршува сопствените ветувања. Ние, министерке, баравме враќање на претходниот задолжителен изборен статус на предметот, а не негово ликвидирање; баравме заштита на работните места, а не бркање на улица по 17 години верна служба кон државата! – се потенцира во писмото.

Во него се додава дека со редефинирањето на статусот на предметот, целата одговорност за неговиот опстанок безобзирно им беше префрлена на локалните директори и нивните административно-политички калкулации. Како директна последица на тоа, системските механизми за заштита на овој предмет, но и работната сигурност на дипломираните теолози и лиценцирани наставници, беа целосно занемарени од страна на МОН и Бирото за развој на образованието (БРО).

-Така, преку нелојална конкуренција со забавни и неформални активности, застапеноста на Етика во религиите драстично се намали, со што првичната благородна идеја од Законот за основното образование од 2009 година за системско, секуларно и квалитетно религиозно описменување денес е доведена до поразително, функционално изумирање. Но, денес, за време на Вашиот министерски мандат, се соочуваме со нов, уште подалекусежен и поболен проблем кој директно загрозува стотици наставници и илјадници ученици. Контрадикцијата меѓу изборните ветувања и погубната реалност на терен. Имено, додека оваа владеачка гарнитура и Министерството за образование и наука ги добија огромното мнозинство гласови од граѓаните ветувајќи зајакнување на воспитната компонента, враќање на традиционалните вредности, заштита на семејството и борба против вредносното деградирање, во практика се спроведува токму спротивното! Актуелниот процес на т.н. „оптимизација на училишната мрежа“, иако замачкан со изрази за „рационализација и ефикасност“, во реалноста се претвори во брутален механизам за затворање на вратите за традиционалните вредности. Што е уште пострашно, со ова ширум се отвора вратата за продор на други, спорни вредности, кои се целосно туѓи и спротивставени на конзервативната политичка идеологија – се предупредува во орбаќањето.

Се нагласува и тоа дека во овој процес, токму Етика во религиите е првиот предмет што безмилосно се отстранува од распоредите, додека паралелно се врши целосно кратење на часовите и трајно протерување на високостручниот теолошки кадар од училиштата!

-Апсолутно е недопустливо и скандалозно што овој кадар, кој зад себе има 6 години академско и педагошко образование (со постојани доусовршувања во изминатите две децении), цели 17 години е држен во социјално-правна несигурност со договори на определено време, за денес, под превезот на Вашата „оптимизација“, конечно да биде исфрлен на улица! Што е уште попогубно, преку овој нов систем, етичко-религиското образование директно се заменува и изедначува со забавни игри, ора, танци, шах и рекреативни вежби. Ние немаме ништо против забавните активности, но недопустливо е предмет што нуди длабока морална вертикала и бара 6 години академска подготовка да се деградира на ниво на хоби! Затоа, почитувана Министерке, процесот на оптимизација што го спроведувате не носи никаква реформа, туку директно уништување на единствениот мост меѓу младите и традиционалните вредности. Со ова, директно се фрлаат на улица цели генерации лиценцирани теолози, од кои речиси сите се МАЈКИ на семејства кои токму Вие ветивте дека ќе ги штитите! – нагласува Асоцијацијата на професори по предметот Етика во религии (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ