среда, септември 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Емиратите купуваат ирачка нафта со огромен попуст: Милиони барели испод цена

Емиратите купуваат ирачка нафта со огромен попуст: Милиони барели испод цена

0
Фото: EPA

Државната енергетска компанија на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), „Абу Даби Нешнал Оил Компани“ (ADNOC), купи милиони барели сурова нафта од ирачката државна нафтена компанија SOMO со значителни попусти, според три извори запознаени со трансакциите.

Преку својот оддел за тргување, ADNOC беше најголемиот купувач на ирачка нафта во текот на август и првата половина на септември, изјавија извори од ирачкиот енергетски сектор. Нејзините набавки помогнаа да се зголеми ирачкиот извоз, кој претходно беше значително намален поради војната на Блискиот Исток, пишува Ројтерс.

Во август, ADNOC се договори за купување на 32 милиони барели ирачка нафта со попусти кои се движеа од 24,90 до 27 долари по барел. Во септември беше склучен договор за уште 40 милиони барели; 10 милиони барели беа купени со попуст од 18 долари, додека преостанатите 30 милиони беа купени со попуст од 25 долари по барел.

Сепак, ADNOC успеа да натовари само 20 милиони од предвидените 32 милиони барели во август. Како причини беа наведени извозните ограничувања и неможноста на компанијата „Басра Оил Компани“ (Basra Oil Company) да обезбеди доволни количини сурова нафта. Од почетокот на септември, ADNOC натовари уште приближно 14 милиони барели.

Трет извор наведе дека ADNOC купила околу 20 милиони барели од SOMO преку тендер – со попусти од 25 до 27 долари по барел – за испорака во текот на септември и октомври.

И други големи компании ги искористија поволните цени за ирачката нафта. За месец август, SOMO понуди испораки со значителни попусти, привлекувајќи ги кинеските државни компании „ПетроЧајна“ (PetroChina) и „Женхуа Оил“ (Zhenhua Oil), француската „ТоталЕнерџис“ (TotalEnergies), како и трговските куќи „Витол“ (Vitol), „Трафигура“ (Trafigura), „Меркурија“ (Mercuria) и „Катај Петролеум“ (Cathay Petroleum).

ИЗДВОЕНИ