Мајкрософт веќе некое време најавува гаснење на некогаш исклучително популарната апликација за видео повици – „Скајп“ (Skype). Од 5 мај, оваа апликација повеќе нема да биде достапна, а „Мајкрософт“ им советуваше на корисниците да мигрираат на новото решение на компанијата.
„Почнувајќи од мај, Skype повеќе нема да биде достапен. Продолжете ги вашите повици и разговори користејќи „Тимс“ (Teams)“, им соопшти „Скајп“ на корисниците на почетокот на годината.
„Скајп“ беше првата платформа што им овозможи на корисниците пристап до бесплатни аудио и видео повици од компјутер до компјутер низ целиот свет од 2003 година и ги донесе фиксните и мобилните повици на интернет.
„Мајкрософт“ вели дека неговата цел е да ја поедностави понудата за корисниците и да се фокусира на сопствената моќна бизнис платформа, „Тимс“. Токму кон „Тимс“ ќе бидат пренасочени милионите преостанати корисници кои останаа лојални на „Скајп“, а тоа ќе се случи во наредните денови и недели.
„Скајп“ беше лансиран во 2003 година и купен од Microsoft осум години подоцна, само за да се обиде да го интегрира во Windows 10 во 2015 година.
Овој деветмесечен експеримент не помина баш најдобро, најмногу благодарение на развојот на други апликации за повици и пораки и нивната „експлозија“ на пазарот.
Microsoft Teams пристигна во 2017 година како услуга за деловна комуникација базирана на Skype технологијата, а уште од 2021 година, кога се појави Windows 11 со интегриран Teams, се очекуваше апликацијата Skype да биде исклучена.