четврток, септември 17, 2026
Дома МАГАЗИН „Ги трошиме заштедите“: Вклучен е алармот – Земјата останува без вода!

„Ги трошиме заштедите“: Вклучен е алармот – Земјата останува без вода!

0

Во 2025 година, реките ширум светот се соочија со една од најсушните години во последните неколку децении, соопшти во четвртокот Светската метеоролошка организација (СМО), што укажува на намалување на залихите на површински води на Земјата и предизвикува загриженост за нивната достапност во иднина.

Количината на копнени водни ресурси – вклучувајќи ги подземните води, езерата, вегетацијата, мразот и снегот – опаѓа веќе една деценија, се наведува во извештајот на СМО за состојбата на глобалните водни ресурси.

Агенцијата на Обединетите нации предупреди на „сериозни идни последици“ како резултат на овој тренд, бидејќи овие резерви служат како витален заштитен механизам за планетата за време на исклучително сушни години, каква што е тековната.

„Сега ги трошиме нашите ’заштеди‘. Глобалните резерви на копнени води покажуваат тренд на опаѓање уште од периодот 2014–2016 година. Ова е постојан сигнал што трае веќе една деценија“, изјави генералниот секретар на СМО, Селесте Сауло, во соопштението објавено со извештајот.

Податоците на СМО покажуваат дека во повеќе од една третина од светските речни сливови е забележан проток на вода под нормалата, што ја прави оваа година една од најсушните за реките на глобално ниво откако започнало собирањето податоци пред 35 години.

Сепак, во некои речни сливови – како оние во делови од Јужна Азија – е забележан вишок на вода, што укажува на сè попроменливи и непредвидливи водни циклуси, се истакнува во извештајот. Исто така, во текот на 2025 година е забележано значително губење на глечери во сите региони – што претставува четврта година по ред со ваков тренд – а извештајот наведува дека тоа ќе доведе до долгорочна несигурност во водоснабдувањето.

ИЗДВОЕНИ