Среда е рокот за усвојување на измените на Изборниот законик, последен услов од европската реформска агенда, но политичките партии и натаму остануваат на спротивни позиции и далеку од консензус за прашањето за гласање на дијаспората. Ова уште повеќе по одбивањето на СДСМ да присуствува на координацијата на сите опозициски партии, иницирана од Левица, нарекувајќи ја партијата на Димитар Апасиев „сателит на премиерот Христијан Мицкоски“. Со тоа, веќе е јасно дека доколку се случат предвремени избори напролет, ќе се гласа по старите изборни правила, бидејќи предлог-законот е практично „блокиран“ во Собранието со 13.500 амандмани.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ деновиве уште еднаш го повтори ставот дека опозициските партии треба да ги усогласат разликите меѓу себе, по што власта ќе го прифати договореното решение. Единствен услов на ВМРО-ДПМНЕ останува овозможувањето на дијаспората да гласа по електронски пат или по пошта.
– Сето тоа што го имаат тие партии како разлика и би го договориле помеѓу себе за да се надминат тие разлики, ние би го прифатиле без никаков услов, сè додека во тоа законско решение е вклучено и гласањето на дијаспората. Остануваме подготвени веднаш да прифатиме такво законско решение, да го потпишеме и да го поднесеме, со цел Македонија да добие изборен законик што ќе го унапреди моделот за изјаснување на дијаспората и ќе го исполни бенчмаркот од реформската агенда – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Од владејачката партија обвинуваат дека опозицијата свесно го кочи процесот, иако со месеци учествувала во работната група за измените. Според нив, блокадата со илјадници амандмани покажува дека опозицијата нема интерес за ново изборно решение.
– Гледаме спротивни реакции на опозицијата, иако требаше да се одржи средба за Изборниот законик. Тука доаѓаме до заклучокот дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада. Со месеци се преговараше, над четири месеци, па кога требаше да се поднесе законот, се повлекоа – рече Стојаноски.
Од СДСМ, пак, ја оценија иницијативата на Левица како обид да се создаде алиби за власта. Од „Бихаќска“ велат дека нема да учествуваат во процес што, според нив, не гарантира фер изборен процес.
– Нема да му бидеме алиби на Мицкоски. Нема да се собираме за да му правиме услуга во неговата кампања за предвремени избори. Единственото што треба да го направи Мицкоски е да се откаже од законот со кој сака да ги намести изборите и да ја украде волјата на граѓаните – порачаа од СДСМ.
Од опозициската партија тврдат дека нивните предлози веќе се доставени во Собранието и дека тие обезбедуваат контрола и заштита на изборниот процес.
– Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава. Мицкоски е тој што сака закон со кој ќе може да се крадат гласови од дијаспората и да наметне свој модел на изборна манипулација – наведуваат од СДСМ.
Левица, пак, останува на позицијата дека без воведување една изборна единица, нема вистинска изборна реформа. Партијата на Апасиев смета дека актуелниот модел со шест изборни единици создава нееднаква тежина на гласот и остава дел од граѓаните без реална политичка претставеност. Од партијата оценуваат дека СДСМ, со одбивањето на средбата, пропушта можност опозицијата да настапи со усогласен став и да издејствува промени во изборниот модел.
– Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да му го кажат тоа на своето членство. Неодговорно е што ваквиот пристап ја продлабочува поделбата меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување – соопшти Левица.
Македонија има обврска пред ЕУ да го усогласи изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, кои укажуваат на потребата од сеопфатна реформа на изборното законодавство. Меѓу приоритетите што ги посочува организацијата се: усогласување на законските правила, поголема транспарентност во финансирањето на кампањите, зајакнување на ДИК, подобрување на избирачкиот список и обезбедување еднакви услови за сите учесници во изборниот процес. Во препораките на ОБСЕ/ОДИХР не се пропишува конкретен модел – електронско гласање или гласање по пошта – туку бара секое решение да обезбеди транспарентност, сигурност и доверба во изборниот процес. (П. А.)












