Детското игралиште на улицата „Ѓорѓи Сугаре“ од денеска е повторно целосно уредено и безбедно за игра на најмладите. По неодамнешниот вандалски чин, во кој реквизитите беа намерно уништени со полевање со моторно масло, екипите на Општина Кисела Вода веднаш излегоа на терен и го санираа оштетувањето.
– Нашите екипи веднаш по пријавата излегоа на терен и ја завршија санацијата на реквизитите кои минатата седмица беа цел на намерно уништување и полевање со моторно масло. Најостро го осудувам овој чин на намерно уништување. Недозволиво е просторот каде што нашите деца треба да се радуваат и да се дружат, да биде цел на ваков срамен вандализам. Како општина, континуирано вложуваме сериозни средства за изградба на нови и обнова на постоечките игралишта, со цел да овозможиме подобри услови за сите. За жал, кога неодговорни поединци намерно ги оштетуваат овие капацитети, средствата кои треба да се инвестираат во нови проекти, мораме да ги пренасочуваме за поправки и чистење на веќе изграденото – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска.
Таа најави дека, со цел да се спречат вакви инциденти во иднина, Општина Кисела Вода воведува засилен инспекциски надзор на јавните површини. Воедно, апелираше до граѓаните дека чувањето на јавните добра е граѓанска должност.
-Доколку забележите какво било деструктивно однесување, веднаш пријавете кај надлежните институции, за сторителите да бидат соодветно санкционирани. Да бидеме совесни и заедно да го чуваме просторот каде што растат нашите деца-нагласи Стаменкоска – Трајкоска.












