понеделник, јули 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Потрошувачите едвај се научија да ги читаат декларациите, а се покажа дека...

Потрошувачите едвај се научија да ги читаат декларациите, а се покажа дека не се точни

И додека институциите не гледаат потреба засега од нови ограничувања на цените и на трговските маржи, од Организацијата на потрошувачи предупредуваат дека квалитетот и точноста на декларациите не смеат да останат во втор план. Од друга страна, трговците бараат предвидлива економска политика и доследна примена на Законот за нефер трговски практики, наместо чести административни интервенции. Заедничкиот став е дека се потребни поголема транспарентност, поефикасни контроли и системски решенија што ќе обезбедат фер конкуренција, квалитетни производи и стабилни цени, без да се наруши функционирањето на пазарот. Конечниот извештај на Министерството за економија, кој се очекува неделава, треба да даде појасна слика за состојбите и да покаже дали ќе бидат потребни дополнителни мерки или ќе продолжи да се регулира пазарот преку постојните законски механизми

0

Иако првичните анализи покажуваат дека трговските маржи не бележат значително зголемување, прашањето за високите цени на основните производи и натаму останува во фокусот на јавноста. Институциите, трговците, производителите и организациите за заштита на потрошувачите изнесуваат различни ставови за причините за поскапувањето и за можните решенија, но сите се согласуваат дека се потребни поголем надзор и поголема транспарентност на пазарот. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат трговците да покажат поголема одговорност при формирањето на маржите, иако досегашните анализи укажуваат дека не се значително зголемени тие. Истовремено, од Организацијата посочуваат дека производителите треба да им посветат многу поголемо внимание на квалитетот на производите и на точноста на декларациите, со јасно и прецизно наведување на составот, за граѓаните да бидат сигурни што купуваат и што јадат.

Од Министерството за економија најавуваат дека извештајот за движењето на цените и на трговските маржи ќе биде готов во текот на неделава. Според првичните информации со кои располага Министерството, засега нема индикации за воведување нови мерки, бидејќи анализите покажуваат дека се зголемиле маржите кај производите за само еден до два проценти. Од Комората на трговци и дистрибутери сметаат дека треба да се решава прашањето за цените и за маржите преку доследна примена на Законот за нефер трговски практики. Според нив, треба дополнително да се доработи Законот, да се отстранат забележаните слабости и да почне ефикасно да се применува, со што би се обезбедиле фер услови на пазарот и поголема заштита и за потрошувачите и за стопанството.

Од Министерството за економија информираат за весникот ВЕЧЕР дека се очекува извештајот за движењето на цените и на трговските маржи да биде финализиран до среда, по што ќе биде познато како се движеле цените на основните прехранбени производи, но и колкав бил растот на маржите кај трговците.

Според првичните анализи со кои располага Министерството, засега нема индикации дека е потребно воведување нови, поригорозни мерки за регулирање на цените на храната. Оттаму посочуваат дека е неопходна одредена регулација на пазарот, но сметаат дека во овој момент нема потреба од дополнителни интервенции, како ограничување на цените или на трговските маржи.

– Извештајот за движењето на цените и на трговските маржи треба да биде готов до среда, така што неделава точно ќе знаеме како се движеле цените на производите и маржите кај трговците. Првичните показатели не покажуваат дека треба да се преземат некои ригорозни мерки во однос на цените на храната. Точно е дека треба да има одредена регулација, но не и дополнителни мерки од типот на ограничување на цените или на маржите. Анализите покажуваат дека се зголемиле маржите за само еден до два проценти, што е во рамките на нормалното, па во моментов нема потреба од носење мерки за нивно ограничување, ниту, пак, од преземање казнени мерки кон трговците – велат од Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР.

Оттаму додаваат дека конечниот извештај ќе даде попрецизна слика за состојбите на пазарот и ќе биде основа за евентуални понатамошни одлуки, доколку покажат анализите отстапување или потреба од дополнителна интервенција.

Казните не се доволни, потребен е постојан мониторинг на производите

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека маржите се едно, а квалитетот на производите е друго. Оттаму посочуваат дека треба многу да се внимава на составот на производите и на декларациите да биде наведена точната количина на состојките. Претседателката на Организацијата, Маријана Лончар-Велкова, предупредува дека, покрај цените и трговските маржи, мора да му се посвети сериозно внимание и на квалитетот на производите, како и на точноста на декларациите. Според неа, потрошувачите не може да направат избор доколку не одговараат информациите на амбалажата на вистинскиот состав на производот.

– Едвај успеавме да ги научиме потрошувачите да ги читаат декларациите, а сега се покажа дека тие не се точни кај дел од производите. Сè уште немаме информации дали контролите на млечните производи кај кои беше утврдено отстапување од пропишаниот квалитет, се спроведуваат континуирано. Точно е дека беа казнети производителите, но јавноста не знае колку од нив ги отстраниле неправилностите и дали е подобрена состојбата на пазарот. Граѓаните имаат право да знаат дали купуваат денес поквалитетни производи отколку пред неколку месеци – изјави Лончар-Велкова за весникот ВЕЧЕР.

Таа нагласува дека контролите не треба да завршат само со изрекување казни, туку мора да продолжат и со редовен мониторинг на производите што се пласираат на пазарот. Според неа, особено е важно млечните производи да се анализираат во акредитирани лаборатории, каде што прецизно ќе се утврди дали содржат млеко во прав, во која количина и дали тоа е јасно наведено на декларацијата.

-Млечните производи треба да се испитуваат во специјализирани лаборатории за да се утврди дали содржат млеко во прав и во каква количина. Истовремено, јавноста треба редовно да биде информирана дека млекарниците се под контрола. Само така ќе се врати довербата кај потрошувачите дека институциите навистина работат на обезбедување точни декларации. Ако во составот на киселото млеко има млеко во прав, тоа мора јасно да биде наведено – од каде е увезено, каков е неговиот квалитет и во која количина е употребено, посочува Лончар Велкова.

Според неа, во последниот период се создава впечаток дека, од една страна, се дебатира за трговските маржи, а од друга страна се занемарува уште поважно прашање – квалитетот и составот на производите што секојдневно ги консумираат граѓаните. Затоа, додава таа, потрошувачите не треба да ја следат само цената, туку и внимателно да го читаат составот на производите што ги купуваат.

-Точно е дека маржите не се зголемени многу – според анализите, тие пораснале за само еден до два проценти. Но, маржите не се единствениот проблем. Многу поголем предизвик е вистинскиот состав на производите, кој мора прецизно да биде наведен на декларациите за да не се доведе во прашање здравјето на потрошувачите. Луѓето со висок крвен притисок мора да знаат колку сол содржи производот, лицата со дијабетес – колку шеќер има во него, а оние со покачен холестерол и триглицериди – колкава е содржината на масти. Граѓаните не смеат да бидат доведени во заблуда да мислат дека купуваат здрав производ, а всушност да консумираат храна со висока содржина на сол, шеќер или заситени масти, нагласува претседателката на ОПМ.

Таа апелира институциите да воспостават редовен и транспарентен систем на контроли, а резултатите од инспекциските надзори навремено да се објавуваат, со цел потрошувачите да бидат информирани, а производителите да имаат дополнителен мотив да ги почитуваат законските стандарди за квалитет и правилно декларирање на производите.

Секоја интервенција на пазарот има последици за целиот трговски синџир

Претседателката на Комората на трговци и дистрибутери при Сојузот на стопански комори, Загорка Блажевска, смета дека прашањето за цените и трговските маржи не може да се разгледува изолирано, бидејќи врз нив влијаат голем број економски фактори. Според неа, во услови на пазарна економија потребни се темелни анализи пред да се донесат нови регулаторни мерки, бидејќи секоја интервенција има последици врз целиот синџир – од производителите, преку дистрибутерите, до трговците и крајните потрошувачи.

-Цените на репроматеријалите, енергенсите и суровините постојано растат, а со тоа се зголемува и цената на чинење на производите. Тоа особено го чувствуваат малите и средните претпријатија, кои немаат економија на обем како големите компании. Поради помалото производство, нивните производствени трошоци се значително повисоки, а истото важи и за трошоците за пласман, маркетинг, транспорт и дистрибуција. Затоа сметаме дека е потребно државата да размисли за субвенционирање по продаден производ, бидејќи не сите компании располагаат со исти можности и услови за работа, изјави Блажевска за весникот ВЕЧЕР.

Таа посочува дека големите трговски синџири работат врз основа на однапред склучени годишни договори со производителите и добавувачите, поради што честите интервенции во висината на трговските маржи можат да предизвикаат дополнителни проблеми во работењето.

-Големите маркети имаат годишни договори и не може постојано, со нови владини одлуки, да им се ограничуваат или намалуваат маржите. Таквите мерки не влијаат само врз работењето на трговците, туку и врз нивните деловни партнери – производителите и дистрибутерите, кои своите деловни планови ги темелат на однапред договорени услови. Пазарот бара предвидливост и стабилност“, нагласува Блажевска.

Според неа, долгорочно решение за подобро функционирање на пазарот претставува доследната примена на Законот за нефер трговски практики, кој, како што вели, создава рамноправни правила за сите учесници во трговскиот синџир.

-Законот за нефер трговски практики е добро законско решение, бидејќи ги опфаќа сите засегнати страни – производителите, дистрибутерите и трговците. Сепак, потребно е да се доработи одредени одредби и, пред сè, да се имплементира во целост. Во него се регулирани бројни прашања поврзани со трговските односи – од висината на маржите во зависност од прометот што го остварува трговецот, до условите за рабати и други комерцијални практики. Со јасни правила секој трговец ќе знае на каков рабат има право и нема да може произволно да бара дополнителни отстапки од своите добавувачи, додава Блажевска.

Таа оценува дека македонските компании остануваат конкурентни на домашниот пазар, но предупредува дека сè поголем предизвик претставуваат недостигот на работна сила и недоволната дигитализација на деловните процеси.

-Компаниите денес се соочуваат со сериозен недостиг на квалификувана работна сила. За да ги задржат вработените, тие се принудени постојано да ги зголемуваат платите, што директно ги зголемува вкупните трошоци на работењето. Од друга страна, поголемата дигитализација би помогнала да се намали потребата од работна сила, да се зголеми продуктивноста и многу полесно да се следат сите процеси во трговскиот синџир – од производството, преку дистрибуцијата, до крајниот потрошувач. Тоа би значело поголема ефикасност, пониски трошоци и подобра контрола на целиот систем“, истакнува Блажевска.

Според неа, наместо краткорочни административни ограничувања, потребни се системски мерки што ќе ја зголемат конкурентноста на домашните компании, ќе ги намалат трошоците за работење и ќе создадат стабилни услови за функционирање на пазарот, без да се нарушат деловните односи меѓу производителите, дистрибутерите и трговците.

 (А.С.)

ИЗДВОЕНИ