Продолжуваат барањата за зголемување на минималната плата во услови на нов бран поскапување на горивата и на основните производи. Синдикатите и дел од економистите предупредуваат дека растот на цените директно ја намалува куповната моќ на граѓаните и дополнително го оптоварува домашниот буџет, особено кај работниците со најниски примања. Според нив, без зголемување на минималецот и без конкретни мерки за стабилизирање на цените, голем дел од граѓаните ќе се соочат со уште поголеми тешкотии во покривањето на основните трошоци како храна, гориво и комуналии.
Од синдикалните организации најавуваат дека ќе продолжи притисокот за повисок минималец и во наредниот период, бидејќи, како што рече првиот синдикалец, Слободан Трендафилов, предложеното усогласување на минималната плата од 1.667 денари е недоволно во услови кога за два месеци порасна вредноста на синдикалната минимална кошничка за 2.000 денари.
Тој повика на масовност на претстојниот протест в сабота, на кој работниците и членовите на синдикатите повторно ќе испратат порака за зголемување на платите. Протестот е закажан на 14 март со почеток во 12:05 часот, пред Работничкиот дом во Скопје. Оттаму ќе продолжи пред Собранието, потоа пред Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
Трендафилов порача дека работниците мора сами да се борат за своите примања, зашто нема другите да се борат место нив, додавајќи дека платата е резултат на трудот на работникот, а не подарок од работодавците.
– ССМ ја напушти последната седница на Економско-социјалниот совет поради обидот да се усогласи минималната плата само за 1.667 денари. Имаме одлука да бараме 600 евра минимална плата и најмалку 6.000 денари зголемување на сите други работнички плати – изјави тој, додавајќи дека по напуштањето на претставниците на ССМ, седницата останала без кворум, поради што не можела да се донесе никаква одлука.
Согласно со законот, како што рече Трендафилов, за утврдување на минималната плата, потребно е мислење од ЕСС, во кој мора да бидат присутни сите репрезентативни организации на работниците и на работодавците. Додаде дека мора да се зголеми минималната плата во текот на месецов, со оглед на тоа што, како што рече, околу 160.000 работници во земјава живеат со плата под прагот на сиромаштијата.
Инаку, Владата на последната седница го потврди заклучокот од последниот Економско-социјален совет, според кој ќе се зголеми минималната плата на над 26.000 денари.
– Владата цело време размислува околу минималната плата и токму поради тоа го почитуваме законот. Минималната плата ќе натфрли 26.000 денари – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, Владата е подготвена да поддржи и повисок износ, но само доколку се постигне консензус во бипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавците, каде што, како што рече, треба да бидат упатени барањата на синдикатите, а не кон Владата, како што се прави сега.
– Ако сега бараат 600 евра минимална плата, за некое време и 800 евра ќе бараат, можеби и 1.000, а ние, како Влада, сме немоќни тука – рече Мицкоски.
(А. С.)












