понеделник, септември 14, 2026
Дома СВЕТ СИПРИ предупредува: Деветте држави кои имаат нуклеарно оружје ги зголемуваат и ги...

СИПРИ предупредува: Деветте држави кои имаат нуклеарно оружје ги зголемуваат и ги модернизираат своите арсенали

1
EPA/WU HONG

САД и Русија заедно поседуваат околу 83 проценти од сите нуклеарни боеви глави подготвени за распоредување и речиси 86 проценти од вкупните светски резерви. Сепак, нивниот удел малку се намалува од година во година само затоа што другите нуклеарни сили ги зголемуваат своите арсенали

Сите девет држави кои поседуваат нуклеарно оружје продолжија да ги зголемуваат или да ги модернизираат своите арсенали до 2025 година, според новата процена на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ). Истражувачите Ханс М. Кристенсен и Мет Корда открија дека повеќето од тие земји распоредиле ново нуклеарно оружје или системи способни да го испорачаат во текот на годината, иако вкупниот број нуклеарни боеви глави во светот продолжил да се намалува.

Според процената на СИПРИ, во јануари 2026 година, во светот имало околу 12.187 нуклеарни боеви глави. Од нив, приближно 9.745 биле во активни воени резерви и достапни за потенцијална употреба, што е за околу 130 повеќе од претходната година. Приближно 4.012 боеви глави биле распоредени на проектили и во базите на стратешки бомбардери, околу стотина повеќе отколку во јануари 2025 година. Голем дел од тоа зголемување СИПРИ го припишува на новата процена за бројот на распоредени руски боеви глави и на новите податоци за кинеското и индиското нуклеарно оружје доделено на оперативните сили.

Вкупниот број нуклеарни боеви глави продолжува да се намалува едноставно затоа што САД и Русија го расклопуваат деактивираното оружје побрзо отколку што другите земји произведуваат ново. Двете земји сè уште имаат повеќе од илјада „пензионирани“ боеви глави што чекаат расклопување. Истражувачите на СИПРИ предупредуваат дека темпото на нивното уништување очигледно се забавува и наскоро би можело да стане побавно од темпото со кое новите боеви глави влегуваат во светските воени резерви. САД и Русија заедно поседуваат околу 83 проценти од сите нуклеарни боеви глави подготвени за распоредување и речиси 86 проценти од вкупните светски резерви. Сепак, нивниот удел малку се намалува од година во година само затоа што другите нуклеарни сили ги зголемуваат своите арсенали. Покрај тоа, тие имаат проблеми и со новото оружје. Според извештајот, развојот на американската интерконтинентална балистичка ракета „сентинел“ доцни најмалку четири години, а трошоците за неа  се приближно 81 процент повисоки од првично проценетите. Тешката интерконтинентална балистичка ракета „сармат“ на Русија доцни повеќе од осум години, додека еден тест спроведен во 2025 година наводно ја оштетил инфраструктурата за лансирање. Нуклеарниот арсенал на Кина се зголеми од приближно 600 на околу 620 боеви глави во текот на годината, а се очекува да продолжи да се зголемува во текот на следната деценија. Резервите на Индија малку се зголемија на околу 190 боеви глави, додека пакистанските останаа на околу 170. Се проценува дека Северна Кореја собрала околу 60 нуклеарни боеви глави, иако СИПРИ верува дека можеби има доволно материјал за најмалку 90. Арсеналот на Израел се проценува на 90 боеви глави, исто како и минатата година. Велика Британија ја задржа официјалната бројка од 225, но владата објави зголемување на горната граница на 260 боеви глави и престана јавно да објавува податоци за нивното распоредување. Француските резерви останаа на приближно 290 боеви глави.

Исто така, СИПРИ нагласи дека нуклеарните сили генерално стануваат помалку транспарентни, што ја отежнува независната верификација на нивните арсенали. Неговиот извештај, исто така, предупредува на промени во доктрината за употреба на нуклеарно оружје. Во 2024 година, Русија ги прошири околностите во кои може да посегне по него, што СИПРИ го поврзува со војната во Украина. Белорусија тврди дека руското нуклеарно оружје е распоредено на нејзина територија, а Русија објави видео од ракетниот систем „орешник“ во таа земја. Овој систем може да носи конвенционални и нуклеарни боеви глави.

 

ИЗДВОЕНИ