– Со новото осветлување, Камениот мост, кој е еден од најзначајните симболи на Скопје, ќе добие нова естетска димензија и дополнително ќе го збогати ноќниот изглед на градот – нагласуваат од Град Скопје. Од Град Скопје велат дека не станува збор за реконструкција или реставрација на Камениот мост, туку за санација на неговото осветлување. Притоа, објаснуваат дека донацијата е резултат на протоколот за пријателство и заедничка соработка, кој беше потпишан неодамна помеѓу Град Скопје и турската општина Есенлер, каде што се дефинирани обврските на турската страна, која, всушност, има објавено тендер за систем за декоративно осветлување на Камениот мост
Една од најзначајните знаменитости на градот, Камениот мост, ќе добие современо осветлување. Завршен е тендерот за осветлување на Камениот мост во Скопје, кој беше распишан од турската општина Есенлер и во периодот што следува се очекува странската локална самоуправа да одлучи која од пријавените компании има најповолна понуда. Таа воедно ќе ја покрие санацијата на осветлувањето на мостот.
Проектот, според градските власти, предвидува поставување современо ЛЕД-осветлување, кое ќе биде внимателно усогласено со архитектонските карактеристики на мостот, со цел да се истакне неговата историска и културна вредност.
– Со новото осветлување, Камениот мост, кој е еден од најзначајните симболи на Скопје, ќе добие нова естетска димензија и дополнително ќе го збогати ноќниот изглед на градот – нагласуваат од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека не станува збор за реконструкција или реставрација на Камениот мост, туку за санација на неговото осветлување. Притоа, објаснуваат дека донацијата е резултат на протоколот за пријателство и заедничка соработка помеѓу Град Скопје и турската општина Есенлер, кој беше потпишан неодамна и во кој се дефинирани обврските на турската страна, која, всушност, има објавено тендер за систем за декоративно осветлување на Камениот мост.
Град Скопје и турската општина Есенлер го потпишаа протоколот за пријателство и заедничка соработка во март годинава. Преку овој протокол, како што објаснија градските власти, Општина Есенлер добила овластувања и обврски да објави тендер за декоративно осветлување на Камениот мост.
– Камениот мост и во минатото бил осветлен, но во моментов, поради негрижата, осветлувањето е целосно уништено. Како администрација што се грижи за историските обележја, презедовме чекори за нивно подобрување, а осветлувањето е еден од тие чекори. Особено внимание, преку градскиот инспекторат, ќе му биде посветено на спречувањето какви било вандалски дејства – најавуваат градските власти.
Додаваат дека македонско-турската стопанска комора, МАТТО, била олеснувач во процесот на преговори за обезбедување современо осветлување на Камениот мост.
Последната реконструкција на Камениот мост во 2002 година беше донација на јапонската Влада, како и од домашни компании.
Оттогаш досега, неколку пати се интервенираше на светлосната илуминација на мостот. Се осветлуваа арките, а се поставуваше светло и од надворешната страна на оградата.
(А. П.)












