петок, октомври 23, 2026
Дома МАГАЗИН Есен во чинија: Грчка пита со тиква – крцкава однадвор, сочна однатре

Есен во чинија: Грчка пита со тиква – крцкава однадвор, сочна однатре

38
Фото:Пекселс

Грчката пита од тиква, позната како колокитопита (kolokithopita), комбинира слатка, зачинета тиква со тенки, крцкави кори, создавајќи мирисен десерт кој е совршен за постудените денови.

Слатката верзија – *гликија колокитопита* (glikia kolokithopita) – обично се подготвува со тиква, шеќер, цимет и јаткасти плодови, при што филот се витка во ролат или се реди во слоеви помеѓу тенки кори. Токму контрастот помеѓу мекиот, ароматичен фил и крцкавите кори ја прави оваа пита особено привлечна, пренесува „Сити магазин“.

Состојки:

• 500 г пире од тиква

• 100 г шеќер

• 65 г кафеав шеќер

• 80–100 г мелени ореви

• 2 лажички цимет

• 1 лажичка мелен ѓумбир

• 1/4 лажичка морско оревче

• 1/4 лажичка мелени каранфилчиња

• 1 пакување тенки кори за пита (фило кори)

• околу 100 мл маслиново масло

• шеќер во прав за посипување

Подготовка:

Испечете ја или сварете ја тиквата, потоа направете пире од неа и оставете ја малку да се излади. Важно е пирето да не биде премногу воденисто, бидејќи тоа може да ги направи корите влажни и меки (да ја изгубат крцкавоста).

Во голем сад, измешајте го пирето од тиква, белиот и кафеавиот шеќер, мелените ореви и зачините. Добро измешајте додека сите состојки целосно не се соединат.

Земете една кора, премачкајте ја со малку маслиново масло и ставете уште една кора врз неа. Распоредете дел од филот од тиква долж едниот раб од корите, а потоа внимателно свиткајте ги во ролат. Повторувајте ја постапката додека не ги потрошите целиот фил и сите кори. Наредете ги ролните во плех обложен со хартија за печење и премачкајте ги со уште малку масло. Печете во рерна, претходно загреана на 180°C, додека тестото не добие златеста боја и стане крцкаво.

Откако тестото малку ќе се олади, посипете го со шеќер во прав и исечете го на парчиња.

ИЗДВОЕНИ