Македонските превозници повторно ги засилуваат притисоците врз европските институции за решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната. Асоцијацијата „Макам-транс“ за утре најави онлајн состанок со превозниците на кој ќе се разговара за последиците од примената на правилото 90 дена престој во период од 180 дена, но и за нови протестни активности.

Според најавата, на 31 август, во Скопје, треба да се одржи протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија, со најмалку 20 товарни возила од Скопје, како и со присуство на сопственици на транспортни компании, возачи и други вработени од повеќе делови на земјава. Истовремени протести се најавуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Протестот е планиран непосредно пред состанокот на Работната група во Брисел, закажан за 1 септември, од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус. Ако на состанокот не биде договорено преодно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, превозниците најавуваат и нова, посериозна фаза на протести. Предложено е од 14 септември да започнат одделни протести на граничните премини во секоја од четирите земји.

Правилото 90/180 не е ново и не го воведе EEС (Entry/Exit System). Европската Унија официјално појаснува дека правилата за краткорочен престој остануваат непроменети – државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Новиот ЕЕС, сепак, овозможи електронска и систематска евиденција на влезовите и излезите, со што многу построго се следи дали лимитот е надминат. Токму тука е проблемот за професионалните возачи од Западен Балкан. Тие поради природата на работата често минуваат значителен дел од времето во земјите на ЕУ, но нивниот престој се пресметува според истото правило како и кај останатите патници на краток престој.

Европската страна признава дека примената на ЕЕС предизвикува сериозна загриженост кај транспортниот сектор. Во документ на Советот на ЕУ се наведува дека со системот престојот над дозволените 90 дена ќе се детектира систематски, а особена загриженост е изразена токму од секторот за патен транспорт во Западен Балкан.

Од „Макам-транс“ уште од почетокот на годината предупредуваа дека професионалните возачи не можат да се третираат на ист начин како и туристите, бидејќи нивниот престој во Шенген е директно поврзан со работните обврски и со функционирањето на меѓународниот транспорт. Како едно од можните решенија, превозниците предложија возачите да се третираат како прекугранични работници, односно нивниот престој да не се ограничува на ист начин како кај туристите.

Проблемот веќе еднаш прерасна во координирани блокади. Во јануари годинава, македонските превозници, заедно со колегите од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, протестираа и блокираа товарни терминали и гранични премини, барајќи решение од европските институции. Темата повторно се актуализираше во јуни, кога превозниците од четирите земји побараа од Европската комисија до 10 август да понуди решение. Медиумите во регионот тогаш известуваа дека превозниците предупредуваат оти строгото применување на 90/180 директно ја отежнува работата на професионалните возачи и може да предизвика сериозни последици за транспортот и економиите зависни од извозот.

На регионалната средба во Скопје на 11 август, превозниците од четирите земји повторно застанаа зад заеднички став дека решението мора да се најде што поскоро, но без конкретен конечен договор. Според известувањата, една од опциите што се разгледува е престојот на професионалните возачи да се пресметува во часови наместо во календарски денови, со што би се земало предвид реалното време поминато во Шенген.

Овој предлог е особено значаен за превозниците затоа што на возач кој ќе влезе во Шенген пред полноќ и ќе излезе кратко потоа, според календарското броење, може да му се евидентираат два дена престој, иако фактички поминал само неколку часа. Според регионалните известувања, токму пресметувањето во часови се разгледува како можен привремен модел кој не би барал промена на постојното законодавство, туку поинаков начин на пресметка.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ