петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА, МИЦКОСКИ И ЈАНЕВСКА СО СВОИ ПОРАКИ ДО СТУДЕНТИТЕ: Бидете бунтовници со...

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА, МИЦКОСКИ И ЈАНЕВСКА СО СВОИ ПОРАКИ ДО СТУДЕНТИТЕ: Бидете бунтовници со причина, љубопитни и храбри и каде и да одите, вратете се дома

261

Пораки до новата генерација македонски студенти за значењето на образованието, знаењето, критичкото размислување, но и за љубовта кон сопствената земја, упатија највисоките македонски државни раководители на денешниот почеток на новата учебна година. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, обраќајќи им се на новите студенти на првиот академски час на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, истакна дека универзитетот е место за учење, поставување прашања и за истражување.

– Кога и да дојдам на овој простор, чувствувам некоја чудна младешка енергија. Вие бевте и, за мене, останувате бунтовници со причина, а јас напати се обидувам да ве имитирам, глумејќи политичарка, која сѐ уште има нешто бунтовно во себе и никогаш нема да го заборави најубавиот дел во животот. Имаме тешка обврска кон светите Кирил и Методиј, да го продолжиме тоа што го почнале тие, бидејќи сигурно знаете од досегашното образование дека учителите многу често биле и станувале светци. Можеби затоа и ние, иако сме една мала држава, можеме да се пофалиме со умови – им рече порача претседателката Сиљановска-Давкова на студентите, додавајќи дека не треба да се дозволи вештачката интелигенција да го наруши природниот ум.

По неа, на бруцошите им се обрати и министерката за образование, Весна Јаневска, која ги охрабри да бараат знаења.

– Бидете љубопитни и храбри во потрагата по нови знаења. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставување прашања и за истражување – нагласи Јаневска.

Во обраќањето пред студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, премиерот Христијан Мицкоски ги повика бруцошите да ги користат можностите за образование, патување и за усовршување во странство, но потоа да се вратат во Македонија и да ги искористат своите знаење и искуство за развој на земјата.

– Каде и да одите, вратете се дома. Вратете се со знаење, со искуство, со идеи и со сила за заедно да ја градиме нашата татковина, Македонија. Со истата порака ги воспитувам и своите двајца синови: да патуваат, да учат и да ги прифаќаат можностите што им се отвораат, но на крајот да се вратат дома. Тоа што секој сака да ви го каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата што ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија – порача премиерот.

ИЗДВОЕНИ