понеделник, септември 28, 2026
Дома СВЕТ  Швајцарците рекоа „не“ за враќањето на строгата неутралност

 Швајцарците рекоа „не“ за враќањето на строгата неутралност

1
EPA/ALESSANDRO DELLA VALLE

Швајцарските гласачи убедливо го отфрлија предлогот за многу построго дефинирање на неутралноста на земјата, што, меѓу другото, би ја ограничило соработката со НАТО и практично би оневозможило воведување санкции врз Русија.

Според конечните резултати на Федералниот завод за статистика, на референдумот во неделата беше отфрлен предлогот во сите кантони, додека околу 70 проценти од гласачите гласаа против него. Иницијативата ја предводеше десничарската Швајцарска народна партија (СВП), која побара строга верзија на неутралност да биде директно запишана во Уставот на земјата, пишува „Гардијан“. Швајцарската неутралност има традиција подолга од два века. Таа беше официјално меѓународно признаена во 1815 година, по завршувањето на Наполеоновите војни. Критичарите на сегашната политика на швајцарската Влада, сепак, веруваат дека е поткопан овој статус во последните години, првенствено по одлуката на Берн да се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија. На референдумот, гласачите одлучуваа дали треба да се внесе принципот на „трајна и вооружена неутралност“ во Уставот. Предлогот имплицираше дека Швајцарија не може да се приклучи на ниту еден воен сојуз, но и дека ќе биде забрането да се воведуваат санкции врз земјите што учествуваат во воени конфликти, освен кога се одобрени таквите мерки од Обединетите нации.

Резултатот од референдумот претставува тежок пораз за милијардерот Кристоф Блохер, еден од највлијателните луѓе поврзани со СВП и еден од најистакнатите поддржувачи на иницијативата. Како што објави претходно „Блумберг“, Блохер инвестирал околу два милиони швајцарски франци или приближно 2,1 милион евра во кампањата за усвојување на предлогот.

Швајцарската Влада и повеќето политички партии беа против предлогот. Иако не е членка на НАТО, Швајцарија соработува со него околу 30 години. Руското Министерство за надворешни работи претходно позитивно се изјасни за иницијативата за построга неутралност, додека ја критикуваше одлуката на Швајцарија да ги прифати санкциите на ЕУ против Русија, тврдејќи дека со овој потег Берн почнал да ја напушта својата традиционална политика на неутралност.

 

ИЗДВОЕНИ