четврток, ноември 26, 2026
Дома КУЛТУРА Рецитал на тенорот Дамјан Попоски во КИЦ Скопје 

Рецитал на тенорот Дамјан Попоски во КИЦ Скопје 

2

Во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје, в петок, 27 ноември, во 20 часот, ќе се одржи рециталната „Вечер на американската соло песна на дваесеттиот век“ во изведба на тенорот Дамјан Попоски и пијанистката Јанинка Невчева. Рециталот е подготвен во Белград под менторство на професорите Никола Мијаиловиќ и Милица Илиќ, а на програмата се циклуси и соло песни на Семјуел Барбер, Чарлс Ајвс и Ерон Копланд. Влезот за концертот, што е во организација на „Балкан опера студио“, е слободен.

Дамјан Попоски дипломира на Школата за музика во Менхетен во Њујорк во класата на проф. Мињон Дан. Ги продолжува своите студии работејќи со врвни имиња од оперскиот свет, како: Ширли Верет, Грациела Араја, Џована Канети, Пјер Миранда Фераро, Ниел Розеншаин… и пее на семинари водени од Питер Марк, Енза Ферари, Карло Бергонзи, Вирџиниа Зеани, Ворен Џоунс, Маурицио Арена, Џером Хаинс и Марија Кјара. Како дел од ЕПКАЗО (Езио Пинца совет за американски пејачи), Попоски ја пее улогата на Али во концертната изведба на Росиниевата „Италијанка во Алжир“ низ Венето, Италија (Тревизо, Виторио Венето, Одерцо). Неговото оперско деби е во улогата на Бартоло („Свадбата на Фигаро“) во Ваимар, Германија. Освен во Македонија, Италија и Германија, настапува и низ САД, Канада, и Грција.

Јанинка Невчева, пак, основното музичко образование го стекнува во Кавадарци под раководство на проф. Весна Арангелова, кога ги прави првите чекори на сцената (концерти и натпревари). Образованието го продолжува во МБУЦ Илија Николовски-Луј, најпрво во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска, потоа во класата на проф. Борис Романов, каде што ги завршува студиите во Скопје. Од 2000 до 2005 година се усовршува во Париз и работи на етномузиколошка тема „Народната музика во Македонија“. Редовно се претставува како солист и во повеќе камерни состави на домашната сцена („Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“-Битола…), како и надвор од земјава (Италија, Франција, Германија…). Од 2006 година работи како музички соработник корепетитор во Македонска опера и балет, редовно соработувајќи со домашни и со светски диригенти и оперски режисери. Невчева е носител на наградата „Климентина Рафајловска“ (1995 г.).

ИЗДВОЕНИ