Легендата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, изјави дека ѝ е жал за ѕвездата на Манчестер сити, Фил Фоден, кој доби доцна шанса да игра во финалето на Карабао-купот. Англискиот репрезентативец, до неодамна клучен играч во тимот на Пеп Гвардиола, мораше да гледа од клупата како неговите соиграчи освојуваат уште еден трофеј на „Вембли“, објави Goal.com.
Намаленото време на играње на 25-годишниот Фоден е една од приказните во Сити што најмногу изненадија оваа сезона. Откако беше прогласен за играч на годината од Професионалната асоцијација на фудбалери (PFA), во сезоната 2023/2024, тој се бори за место во тимот по доаѓањето на Рајан Черки и Антоан Семењо. Фактот дека го замени Черки во 90. минута е доказ за неговиот моментален статус во тимот.
- Ми беше жал за него, но не затоа што влезе во игра во финалето на Купот. Пред неколку дена имаше еден натпревар на кој воопшто не играше. Ако влезеше млад играч на крајот, ќе помислевте дека е добро за стекнување искуство. Но, кога ќе видите како влегува Фил Фоден во финалето на Купот во последен момент, тоа изгледа како да му се прави услуга, како да е замена од милост, само да заигра – изјави Руни.
Фоден започна само четири пати на последните 13 натпревари на Сити на сите натпреварувања и не постигна гол на 20 настапи од средината на декември.
- Не знам што се случи, тој е врвен играч. Чудно е што не може ни да се приближи до првиот тим. Се чини дека се случило нешто чудно. Мислев дека беше во добра форма, но едноставно исчезна – додаде Руни.
И покрај фрустрацијата од својата ограничена улога, Фоден го прослави најновиот трофеј на Сити на професионален начин. Призна дека неговата форма не е на врвот, но изрази желба да се врати во стартната постава на Гвардиола до крајот на сезоната. Коментирајќи ја својата ситуација по натпреварот, тој зборуваше за подемите и падовте низ кои минуваат фудбалерите.
- Сè е во тоа како ќе заздравите. Само ја држам главата горе, се обидувам да тренирам што е можно понапорно секој ден и се надевам дека ќе се вратам многу поостар по репрезентативната пауза. Се надевам дека ќе добијам повеќе минути и ќе се вратам на нивото на кое бев на почетокот од сезоната – рече тој.
Иако селекторот Томас Тухел го вклучи Фоден во поширокиот состав на Англија од 35-мина играчи за мартовските натпревари, неговиот недостиг на време за играње во клубот е голем проблем. Руни верува дека ситуацијата ќе му наштети на играчот од средниот ред како што се приближува СП 2026.
- Секако дека е воодушевен што го освоија Купот, но лично тој дефинитивно сакаше да биде таму и да остави свој белег. Тоа дефинитивно е тешко за него – рече Руни.
Фоден се надева дека ќе го импресионира селекторот на „трите лава“, Тухел, на претстојните натпревари против Уругвај и Јапонија.











