четврток, ноември 5, 2026
Дома СВЕТ Што се случува на европското небо?

Што се случува на европското небо?

27

Патнички авион „Ербас А320“ (Airbus A320) на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“ (Aer Lingus), кој во четвртокот наутро летал од Даблин кон Рим, бил пренасочен кон француската воена воздухопловна база „Евре“ (Évreux) поради закана со бомба. Овој инцидент следи по серија слични закани упатени кон европски авиони претходно во текот на неделата, пренесува „Ле Паризиен“ (Le Parisien).

Летот EI402 првично требало да слета во италијанската престолнина околу 10:30 часот, но поради безбедносно предупредување, ја променил рутата и се упатил кон воената база „Евре“ во францускиот департман Ер.

Француските власти потврдија дека ја следат ситуацијата.

„Ситуацијата се следи во реално време, во согласност со утврдените процедури“, соопштија од кабинетот на францускиот премиер.

Авионот испратил сигнал за итна состојба

Според податоците од сервисот за следење летови „Флајтрадар24“ (Flightradar24), авионот емитувал код „Squawk 7700“ – сигнал што пилотите го користат за да означат итна состојба и да побараат итна помош од контролата на летање. Во моментот кога се појавија првите извештаи, околу 9:40 часот, авионот сè уште немаше слетано, а неговото пристигнување во базата „Евре“ се очекуваше околу 10:00 часот.

Засега нема потврда дека во авионот навистина има експлозивна направа.

Безбедносни предупредувања на летови кон Бугарија

Бугарските власти соопштија дека во четвртокот биле примени закани со бомби за три лета на „Рајанер“ (Ryanair) кои требало да слетаат во Софија. Два од авионите стигнале до својата дестинација, додека третиот, кој полетал од Лондон, бил пренасочен кон Пловдив.

Според соопштението на бугарското Министерство за транспорт, заканите се однесувале на авиони што летале кон бугарската престолнина од Копенхаген, Мадрид и Лондон. Авионите од Копенхаген и Мадрид успеале да слетаат во Софија, додека летот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив поради безбедносно предупредување.

Серија закани со бомби на европски летови

Инцидентот се случи само два дена откако неколку комерцијални летови низ Европа беа цел на закани со бомби. Според „Ле Паризиен“, во вторникот, на 3 ноември, биле забележани околу десетина такви закани. Сите тие, како што се покажа подоцна, беа лажни.

Најмалку четири од заканите се однесуваа на летови на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ (Ryanair), вклучувајќи ги линиите од Манчестер до Мурсија, од Лисабон до Рим, од Даблин до Рим и од Даблин до Софија.

Некои од заканите ги принудија авионите да ги променат своите рути или да извршат принудно слетување, со цел безбедносните служби да можат да спроведат безбедносни проверки.

Сè уште не е познато дали постои некаква поврзаност помеѓу овие инциденти и најновата закана, која се однесуваше на лет на „Ер Лингус“ (Aer Lingus).

ИЗДВОЕНИ