Авион на финската авиокомпанија „Финер“ (Finnair), кој летал од Хелсинки кон Рим, утрово слетал на римскиот аеродром „Фјумичино“ по добиени анонимни закани за поставена бомба. Полицијата моментално ги истражува овие наводи, пренесе новинската агенција АНСА.
Авионот слетал на „Фјумичино“ околу 9:30 часот, придружуван од борбени авиони на италијанските воздухопловни сили.
Според извори од аеродромот, овие настани не влијаеле врз целокупното работење на аеродромот.
„Виз ер“ денеска соопшти дека еден од нејзините авиони, кој утрово полетал од аеродром во Милано кон Варшава, бил пренасочен кон Виена откако, додека авионот бил во лет, била добиена закана за поставена бомба.
„Пренасочувањето беше извршено во согласност со задолжителните безбедносни протоколи и процедури, при што безбедноста на патниците и екипажот беше главен приоритет“, наведуваат од авиокомпанијата, пренесува АНСА.
Во соопштението се истакнува дека „Виз ер“ целосно соработува со надлежните органи и ги презема сите неопходни мерки за да се осигура безбедноста на сите лица во авионот.
„Безбедноста и сигурноста на нашите патници и членови на екипажот остануваат наш главен приоритет“, се заклучува во соопштението. Претходно денеска, исто така поради закана за поставена бомба, авион „Ербас А320“ на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“ – кој летал од Даблин кон Рим – бил пренасочен кон воздухопловната база „Евре“ во Нормандија.












