Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) бара итно разрешување на директорот на Безбедносно- информативната агенција (БИА), Владимир Орлиќ, и утврдување на одговорност за прислушување и за следење на новинарите на „Радар“.
Неделникот „Радар“ објави документи со кои докажува дека биле прислушувани и следени главната уредничка и неколкумина новинари. Според тие наводи, Орлиќ испратил барање до Високиот суд во Белград за примена на мерки за таен надзор над новинарите, кои ги одобрил Судот на 12 јуни 2026 година, а потоа ги продолжил на 15 јули и на 9 септември.
Меѓу одобрените мерки било и снимање на комуникациите во деловните простории каде што се наоѓа Редакцијата на „Радар“, но биле озвучени и домовите на новинарите, а Орлиќ го искористил своето дискреционо право да нареди десетдневна физичка придружба за некои од нив. Според истите наводи, на 22 октомври, денот на објавувањето на последното издание на „Радар“ пред изборите, директорот на БИА му доставил на претседателот на Високиот суд во Белград предлог за суспензија на сите мерки, со образложение дека не било забележано шпионирање.
БИА ги негира овие наводи, а НУНС наведува дека останува отворено прашањето врз основа на кои конкретни докази одобрил Судот примена на мерки за надзор и што укажувало на постоење основи за сомневање дека е сторено кривично дело.












