понеделник, август 24, 2026
Дома СВЕТ ЕЕС врати од граница 50.000 луѓе и „улови“ бегалци барани со меѓународна...

ЕЕС врати од граница 50.000 луѓе и „улови“ бегалци барани со меѓународна потерница

54
EPA/GEORGI LICOVSKI

По речиси 300 дена аплицирање на 1.500 гранични премини во 29 земји од Шенген-зоната, системот ЕЕС дигитално евидентираше речиси 160 милиони влезови и излези во Европската Унија и сопре повеќе од 50.000 луѓе кои не ги исполнувале условите за влез.

Европската Унија ги објави првите резултати од имплементирањето на овој, за граѓаните од Балканот озогласен систем, поради кој, во екот на летната туристичка сезона мораат до исцрпеност да чекаат на европските граници. Тие резултати покажуваат дека меѓу луѓето на кои не им бил дозволен влез во ЕУ, 1.500 биле идентификувани како лица кои претставуваат безбедносен ризик, вклучувајќи осомничени за тероризам, шверц на луѓе и луѓе барани со меѓународна потерница, пишува „Билд“.

Комесарот на Европската комисија за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, го нарече ЕЕС „најмодерниот систем за заштита на границите во светот“, кој според него, успешно спречил десетици илјади нелегални влезови, наведува „Феникс“.

Збирните објавени податоци покажуваат дека за 300 дена, ЕЕС регистрирал 160 милиони преминување на граници, повеќе од три милиони регистрации неделно, над 50.000 лица одбиени за влез во ЕУ и 1.500 идентификувани како лица со безбедносен ризик. Според тие податоци, просечното време на пријавување е 70 секунди (намалено на само 30 секунди на аеродромот во Франкфурт), а официјалната апликација за пререгистрација „Патување во Европа“ била преземена 1,6 милиони пати.

За разлика од поранешните печати во пасошите, кои овозможуваа минимален увид, биометриското отпечатување на прсти и скенирањето на лицето овозможуваат моментална верификација во базите на податоци, а примерите од практиката ја покажуваат ефикасноста на новиот надзор. На пример, во Романија е откриен граѓанин на Молдавија кој патувал под лажно име. Биометриската проверка го открила неговиот вистински идентитет и фактот дека Австрија издала европска потерница за него, по што тој веднаш бил приведен. Само белгиските власти, благодарение на отпечатоци од прсти, регистрирале 108 луѓе барани по потерници, при што 61 процент од нив вклучувале лажни документи и имиња.

– Пристапот до ЕУ е привилегија што мора да се заштити –  рече комесарот Брунер.

Но, иако Европската комисија го истакнува успехот, европските асоцијации на аеродроми (АЦИ) предупредија на повремени тесни грла за време на летниот шпиц. Анализите покажуваат дека во јули, за време на шпицот, патниците во Франкфурт и Амстердам чекале во просек до 120 минути, а во Минхен до 60 минути. Од Брисел одговараат дека доцнењата се поврзани со сезонските шпицови во сообраќајот и дека системот работи многу брзо во просек, заклучувајќи дека ЕЕС го поминал својот прв голем летен тест за издржливост.

ИЗДВОЕНИ