сабота, ноември 7, 2026
Дома СКОПСКА Што гореше во комплексот Железара?

Што гореше во комплексот Железара?

70

Екоактивистите реагираат на последиците од вчерашниот пожар што се случи во комплексот Железара, како резултат на што имаше голем црн чад. Гореше магацин во кој се чувале бои и лакови. Тие сметаат дека Скопје било изложено на аерозагадување и токсични честички.

Поради тоа побараа Основното јавно обвинителство веднаш да отвори истрага за загадување на животната средина.

– Институциите мора да утврдат кои мерки за заштита и превенција не се почитувани. Очигледно е дека постојните механизми или не се применуваат или воопшто не превенирале ништо – тврдат од „Зелен хуман град“.

Притоа бараат од Државниот инспекторат за животна средина да спроведе итен вонреден надзор.

– На граѓаните им е загрозено основното уставно право на здрава животна средина. Огромен црн чад од управна зграда не смее да има. Што се чувало таму? – прашуваат од „Зелен хуман град“ и бараат одговори на тоа: Што изгорело и во колкаво количество и Од каде сиот тој црн чад како оној со електронскиот отпад во Трубарево?

Од „Зелен хуман град“ бараат и целосна одговорност од сопствениците, како и ажурност и транспарентност од надлежните инспекторати.

– Ние, граѓаните, имаме право на чист воздух и здрава животна средина согласно со Член 43 од Уставот на РМ. Оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална завршница и кривична одговорност – одлучни се екоактивистите.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ