четврток, септември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ШТО Е СПОРНО ВО НАСТАВНАТА ПРОГРАМА НА ПРЕДМЕТОТ СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ: Ќе...

ШТО Е СПОРНО ВО НАСТАВНАТА ПРОГРАМА НА ПРЕДМЕТОТ СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ: Ќе прифаќаат ли учениците дека абортусот е „базично човеково право“ или не?

Од реакциите на дел од јавноста се гледа дека се бара промена на формулациите какви што се „родовата еднаквост“, „прифаќање на тоа дека сексуалните и репродуктивните права се дел од базичните човекови права“, а кои се сега вградени во предложената наставна програма

1

„Еднаквоста на половите“ или „родовата еднаквост“, прифаќање или не на тоа дека сексуалните и репродуктивните права се дел од базичните човекови права, поддржување или не на еднаков третман на луѓето без оглед на нивниот сексуален или родов идентитет?… Сето ова се суштински спорни прашања кои, се чини, го предизвикале вчерашното повлекување на предложената наставна програма по изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование предложена од Министерството за образование. Спорната програма изработена од страна на Бирото за образование е веќе повлечена од веб-страницата, а министерката за образование, Весна Јаневска, соопшти дека повлечената програма ќе оди на детална ревизија. Во нејзиниот тек ќе бидат разгледани сите забелешки и што би можело да се смени во сегментите кои предизвикуваат реакции.

– Оваа учебна година воведовме изборен предмет Сексуално образование, со наставна програма во која има теми за семејството, репродуктивното здравје, заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, рамноправност меѓу половите, недискриминација и слично. Ова се теми за кои имавме добра намера – децата да ги изучуваат во период од животот во кој, всушност, почнуваат да ги засегнуваат – објасни Јаневска.

А од реакциите во јавноста е веќе јасно дека барањата за повлекување дојдоа откако се виде дека во предложениот предмет се употребуваат речиси идентични формулации кои претходно биле користени од страна на изработувачите на програмата, во периодот кога на чело на МОН беше министерката Мила Царовска. На тоа, во своите јавни обраќања до министерката Јаневска, укажуваа како граѓанската организација Родителски фронт, така и епископот стобиски на МПЦ-ОА, Јаков, кои конкретно укажуваа што е неприфатливо да им се нуди на средношколците. Тие најмногу реагираат околу употребените термини, но и околу она што им се сервира на учениците како готов и дефинитивен став.

– Министерке Јаневска, пред три години, „родовата еднаквост“ ја прогласивте за катастрофа и идеолошки отров. Потоа, во Собранието, во 2025 година, во Законот за основното образование, „родовата еднаквост“ беше заменета со „еднаквоста меѓу половите“. Но, сега, во 2026 година, повторно добиваме „род“, „родов идентитет“, „родово изразување“ и „родова рамноправност“… Во наставната програма на предметот Сексуално образование веќе првата тема се вика „Род и родовата рамноправност“.Она што го напаѓавте во опозиција, министерке, сега го потпишувате како власт! – наведе епископот Јаков.

За него и за другите е посебно спорно тоа што во наставната програма е наведено дека ученикот „Прифаќа дека сексуалните и репродуктивните права се дел од човековите права“! Заради тоа се бара да се објасни што точно подразбира тој поим бидејќи во документите на ООН под таа рамка, односно под рамката на „сексуални и репродуктивни права“, се вбројува пристапот до безбеден и законски абортус, медикаментозен и хируршки абортус, постабортусна грижа…

– Дали Бирото го користи поимот во тоа значење? Ако одговорот е „не“, нека го напише тоа во програмата. Ако одговорот е „да“, нека има храброст да му го каже тоа јавно на народот и, пред сè, на родителите. И ако е така, Вие од шеснаесетгодишно дете практично ќе барате да потпише бланко согласност и догматски да прифати дека прекинувањето на човечки живот е „базично човеково право“! Вие ќе ги терате нашите деца да прифатат идеологија во која нероденото бебе се третира како отпад, како процедура на празнење на некоја апстрактна „содржина“ и впрочем, тоа од учениците да се велича како своевидна прогресивна вредност, додека од друга страна ни зборувате за братчиња и сестричиња?! – се наведува во реакцијата на епископот на МПЦ-ОА.

Очигледно, ова се клучните прашања околу кои ревизијата што ќе следува ќе треба да одговори дали ќе бидат преформулирани во спорната наставна програма или и натаму ќе останат така формулирани.

Од невладината организација ХЕРА, која беше вклучена во подготовките на содржината за овој изборен предмет, соопштија дека одлуката на МОН за нејзиното повлекување е грешка.

– Во земја во која податоците за насилството, дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни, бараме образовните програми да одговорат на секојдневните потреби на младите и на загриженоста на родителите. Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е ССО, туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори. Треба да нè загрижи што дури 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година – велат од организацијата.

Од ХЕРА посочуваат дека поразително е што само 19 % од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.

– Податоците, пак, за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година, 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ. Ова е реалноста со која живеат младите, а повлекувањето на ССО значи повлекување на една од ретките системски алатки што може да им помогне да препознаат ризик, да постават граници, да кажат „не“, да побараат помош и да се заштитат. ССО не е закана за децата, туку е системски одговор на заканите со кои тие веќе се соочуваат: сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни фотографии без согласност, токсичните врски, непланираните бремености, превенција на ХИВ и дезинформациите од интернет – велат од ХЕРА.(Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ