Заклучно со септември, на територијата на државата биле регистрирани 165 шумски пожари, кои зафатиле десетина илјади хектари разновидна шума. Според заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, изминатите години во просек имало по 100 до 200 шумски пожари, додека лани биле регистрирани 178. Но, тој нагласува дека штетата што е предизвикана годинава од пожарите е петпати помала од лани. Годинава штетата е проценета на 10 милиони евра, за разлика од лани, кога била проценета на 50 милиони евра. Михаилов објаснува дека во износот на направената штета не е вкалкулирана само вредноста на изгорената дрвна маса туку и сумата за дневници на вработените, потрошеното гориво при справувањето со пожарите, а е пресметана и сумата што се троши кога се враќаат површините во првобитна состојба, како и загубената општокорисна функција на изгорената шума

 

Заклучно со септември, на територијата на државата биле регистрирани 165 шумски пожари, кои зафатиле десетина илјади хектари разновидна шума.

Според заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, овој број и не е така голем, со оглед на тоа што изминативе години во просек имало по 100 до 200 шумски пожари, додека лани  биле регистрирани 178. Но, тој нагласува дека штетата што е предизвикана годинава од пожарите е петпати помала од лани. Годинава штетата е проценета на 10 милиони евра, за разлика од лани, кога била проценета на 50 милиони евра.

Михаилов објаснува дека во износот на направена штета не е вкалкулирана само вредноста на изгорената дрвна маса.

– Само штетата на дрвната маса е два милиони евра. Но, тоа не значи дека целосно е уништена дрвната маса во пожарите. Наши екипи допрва ќе утврдуваат колку дрва ќе се сечат и колку се уништени во пожарите. Во преостанатата сума од наведените 10 милиони евра е внесена и сумата за дневници на вработените, потрошеното гориво при справувањето со пожарите. Потоа, тука е пресметана и сумата што ја трошиме кога ги враќаме површините во првобитна состојба, загубената општокорисна функција на изгорената шума – наведе Михаилов.

Тој, исто така, спомена и дека е немерлива директната штета причинета од пожарите за здравјето на граѓаните, како на оние што учествувале во гаснењето на пожарите така и на оние што го вдишувале чадот од пожарот, поради тоа што живееле во близина каде што горел тој.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Михаилов, упати и апел граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците, по пониски цени.

Притоа, посочи дека ваквата набавка на дрва од страна на граѓаните значи и директна поддршка на дрвокрадците, кои ги пустошат македонските шуми. Забележува дека зад секоја сеча на дрва без дозвола стои организирана група, која честопати знае да ги нападне и вработените во ЈП „Национални шуми“ и припадниците на Шумската полиција, како што имаше пример летово, во Штипскиот Регион.

– Сите оние што ќе се дрзнат во иднина да кренат рака на овластено службено лице, треба однапред да бидат подготвени дека следува сериозна затворска казна, бидејќи станува збор за напад на службено лице – вели Михаилов.

Тој наведе дека, за жал, има и примери кога вработени од ова претпријатие се дел од тие криминални групи.

– Да, сè уште има наши вработени за кои, за жал, е утврдено дека се поврзани со криминалните структури и онаму каде што го детектираме тоа, нема пардон. Веднаш се почнува постапка во однос на она што го имаме како докази и имаме суспензии, кривични пријави и дисциплински постапки – рече Михаилов.

Освен од дрвокрадци, шумите секоја година страдаат и од пиромани.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ