Гледачите што ја следат телевизија „Канал 5“ ќе уживаат во старите македонски рецепти, во модерните ресторани за јадење, во бистроата со најдобри пијачки… сè до највлијателните, но и светски познати гастрономски дестинации во државава
Телевизија „Канал 5“ минатиот викенд започна со емитување на новата ТВ-емисија, со содржина многу поразлична од другите. Станува збор за забавно-кулинарското ТВ-шоу насловено „Шопска шоу“. Водител и воедно автор е познатиот Томче Јосимовски, кој ни е омилен на сите уште од претходното шоу „Мое село“, кое успешно го водеше на телевизија „Сител“.
Тој е сега на нова ТВ-фреквенција за него, па така гледачите што ја следат телевизија „Канал 5“ ќе уживаат во старите македонски рецепти, во модерните ресторани за јадење, во бистроата со најдобри пијачки… сè до највлијателните, но и светски познати гастрономски дестинации во Македонија.
Гледајќи ја „Шопска шоу“, секој од нас навистина ќе посака да ги вкуси јадењата, бидејќи нема да може да одолее. Толку сè ќе биде уверливо пренесено на малите ТВ-екрани што дури и дома ќе го почувствувате, низ ноздрите, прекрасниот мирис на домашно подготвената храна.
– Ова кулинарско ТВ-шоу ќе ги открива приказните што магично се кријат зад секоја чинија – вели гордо авторот Јосимовски.
„Шопска шоу“ ќе се емитува секој викенд, во сабота и недела од 10:00 часот, нудејќи така нови места за ручек. Со тоа сигурно ќе реализирате некоја добра македонска гурманско-семејна авантура. (Д. М.)












