Дводневните разговори во Пекинг меѓу кинескиот и американскиот претседател Шји Џинпинг и Доналд Трамп можеби отворија врата кон нова ера во односите меѓу двете светски суперсили.
На крајот од турнејата на американскиот претседател, Шји рече дека постигнале „нов билатерален однос“ и вети дека ќе му испрати на Трамп семе од кинески рози на кои шефот на Белата куќа им се восхитувал за време на прошетката во градината Џонгнанхај во Пекинг, пренесе БиБиСи.
„Треба да бидеме партнери, а не соперници“, рече Шји Џинпинг на крајот од дводневната посета на Трамп на Пекинг.
Трамп рече дека трговските разговори поминале „подобро од минатиот пат“ и дека бизнис лидерите што дојдоа со него во Пекинг биле таму за да „склучат договори“ и „да вратат работни места“.
Тој исто така рече дека имаат слични ставови за Иран.
Непосредно пред двајцата претседатели да се прошетаат низ импресивната градина, Фокс њуз емитуваше интервју со Трамп, во кое тој рече дека Шји ветил дека нема да го снабдува Иран со воена опрема.
„Но, во исто време, тој рече дека тие купуваат многу нафта од Иран и дека би сакале да продолжат“, додаде американскиот претседател.
Во истото интервју, Трамп исто така рече дека Кина се согласила да купи американска нафта и 200 авиони „Боинг“.












