Владата активно работи на решение за македонските транспортери преку годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген-зоната. Билатералните разговори со европските земји се во тек, додека регионалните превозници бараат прифатливи модели за непречен транспорт. Експертите предупредуваат дека нова блокада би имала сериозни последици врз индустријата и врз странските инвестиции во земјава
Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се реши проблемот со транспортерите преку издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген-зоната. Тој рече дека се разговара за оваа опција на билатерално ниво, со неколку држави од ЕУ што се истовремено и членки на Шенген-зоната.
– Предизвикот со транспортерите е пред нас и ние ќе мораме да го решаваме. Тука беше комесарот што е задолжен за влез/излез системот. Ние, како држава, тука сме проактивни, нашата дипломатија и министерствата за внатрешни работи и за транспорт работат заедно. Веќе имаме, на билатерална основа, разговор со неколку држави од Европската Унија што истовремено се и членки на Шенген-зоната, така што, најверојатно, начинот на кој ќе се реши тој проблем ќе биде преку издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген-зоната – потенцира премиерот.
Тој потсети дека транспортерите не ги опфаќаат само каргопревозниците туку и патничкиот сообраќај.
И за македонските транспортери, специјални долгорочни визи за професионалните возачи се едно од најреалните решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските транспортери поради правилото за престој во Шенген-зоната. За овој предлог, како и за вториот модел – проширување на прекуграничната работа во Бугарија и во Грција, односно третирање на возачите како прекугранични работници, требаше да се разговара утре, на состанок на работната група на Европската комисија.
Сепак, според неофицијални информации, средбата е презакажана за идниот четврток.
Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макамтранс“ информира дека третиот онлајн состанок на претставниците на транспортните здруженија од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија треба да се одржи со работната група на Европската комисија за визи, со цел да се утврдат деталите и да се одлучи кој модел ќе биде прифатен.
Таа нагласува дека транспортните компании не можат да си дозволат прекин на работата, но актуелните регулативи ги доведуваат токму во таква ситуација.
– Фирмите од Бугарија и од Грција што работат во Македонија, како што се рудникот „Бучим“ и нафтоводот од Солун, каде што транспортот го вршат македонски превозници, бараат проширување на досегот за прекугранично работење на возачите на нивните територии. Во моментов, тоа е ограничено на 50 километри – вели Муратовска.
На втората средба на работната група во Брисел, одржана пред околу две недели, на која учествувале претставници од шесте држави од Западен Балкан, било посочено дека системското решение преку новата визна стратегија на Европската Унија бара согласност од сите 29 земји на Шенген-зоната. Според учесниците, станува збор за сложена процедура, која не може да се реализира во краток рок.
Како побрзо решение бил предложен билатерален пристап, односно директни разговори со одделни држави за издавање национални Д-визи, со што македонските возачи би можеле да престојуваат подолго од досегашните 90 дена во рамките на правилото 90/180.
– На тој состанок треба да се дефинира и начинот на пресметување на времето што го поминува возачот со таа виза. Тоа се утврдува преку тахографот на возилото и специјалната картичка на возачот при престојот во одредена држава. На пример, ако има возачот виза за Германија, каде што треба да ја истовари стоката, треба да му се минусираат деновите поминати во транзит низ другите држави од дозволените 90 дена за Шенген-зоната – појаснува Муратовска.
По одлуката на Брисел дека правилото „90/180“ останува конечна рамка и дека транспортните компании ќе мора да се приспособат на новите услови, дел од балканските превозници предложиле заедничка стратегија поради проблемите што ги создава системот за влез и излез во Европската Унија, кој директно влијае врз работата на возачите на камиони.
Муратовска додава дека превозните здруженија од регионот постојано одржуваат состаноци и се обидуваат да дојдат до прифатливо решение.
– Босанските превозници сакаа денеска да одржат протест, но го одложија за 23 март. Ние и другите засегнати држави сакаме да им се даде шанса на преговорите со Европската комисија, а и самите држави билатерално преговараат, така што очекуваме задоволувачко преодно решение за професионалните возачи – вели Муратовска.
Како дополнителна можност, таа го посочува и воведувањето електронски систем за издавање визи, со што значително би се скратиле роковите за аплицирање, одобрување и чекање. Сепак, предупредува дека без јасна стратегија и системско решение, ваквите олеснувања тешко ќе се применат во практика, а проблемот со недостигот на возачи ќе продолжи да го оптоварува транспортниот сектор.
Војната на Блискиот Исток, покрај на цената на нафтата, ќе се одрази и со зголемување на цените на транспортот и на репроматеријалите што доаѓаат од Азија и од Блискиот Исток, а забавениот транспорт ќе влијае и на фирмите мајки на македонските странски инвестиции. Според претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, нова евентуална блокада на превозниците од Западен Балкан, како резултат на нерешениот статус на професионалните возачи поради Шенген-правилата „90/180“, би била многу штетна за автомобилската индустрија во Европа.
„Макамтранс“ бара рефундирање на дел од акцизата на горивата за комерцијален превоз во Србија и во ЕУ
Покрај проблемите со новите европски правила, транспортниот сектор во Македонија и во регионот се соочува и со дополнителни економски притисоци. Растот на цената на горивата, поттикнат од кризата на Блискиот Исток, создава дополнителен товар за компаниите. Дел од превозниците се заштитени од наглото поскапување преку договори со европските компании што содржат клаузули за приспособување на цената на дизелот.
Асоцијацијата „Макамтранс“ вчера достави барање до Владата и до Министерството за финансии за рефундирање на дел од акцизата на горивата за комерцијален превоз во Србија и во ЕУ, со цел подобри конкурентски услови. Акцизата за литар дизел во моментов изнесува 15,5 денари, а за бензините е 22 денари.
–Нашиот предлог е долгорочна мерка, која бараме да биде ставена во законска регулација и да биде со реципроцитет. Ваквата мерка ќе нема големо влијание врз цената на транспортот – уверува таа.
Муратовска посочува дека потрошувачката на дизел во Македонија е најголема.
Регулаторната комисија за енергетика во понеделникот донесе одлука за поскапување на дизелот за 14,5 денари за литар, а кај бензините за само 5 денари.
– Досега немало толкава разлика во цената на бензините и на дизелот – заклучува Муратовска.
Поради скапото гориво, растат цените на авионските билети
Поскапувањето на нафтата веќе не се чувствува само на бензинските пумпи туку почнува директно да се одразува и врз цените на авионските билети. Голем број авиокомпании предупредуваат дека зголемените трошоци за авионско гориво постепено се префрлаат врз патниците, особено кај меѓународните летови.
Во авиоиндустријата, горивото претставува втор најголем трошок, веднаш по работната сила. Додека растат цените постепено, авиокомпаниите можат делумно да го апсорбираат ударот. Но, кога е поскапувањето брзо и значително, компаниите се принудени да ги коригираат цените на билетите.
Неколку големи превозници веќе презедоа конкретни чекори – некои ги зголемија цените на авиобилетите поради растот на трошоците за гориво. Дополнителен проблем за авиокомпаниите претставуваат и безбедносните ризици во делови од блискоисточниот воздушен простор. Поради заканите од ракети и дронови, дел од летовите мора да ги избегнуваат тие коридори, што доведува до подолги маршрути, поголема потрошувачка на гориво и до нарушување на распоредот на летови.
Кога ќе се додаде на тоа и големата побарувачка за патување, особено на маршрутите меѓу Азија и Европа, растот на цените на билетите станува речиси неизбежен. За патниците тоа значи дека поскапувањето најпрво ќе се почувствува кај меѓународните летови и туристичките линии, а доколку продолжи кризата, можно е повисоките цени постепено да се прошират и на другите релации. За авиоиндустријата, пак, ова е уште еден показател дека енергетските шокови брзо се претвораат во трошок, кој на крајот го плаќа крајниот корисник.
(С. Бл.)












