Рускиот претседател Владимир Путин не е пријател на Соединетите Држави (САД) кога станува збор за Украина, изјави во неделата Џеј Клејтон, директор на Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) – по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој зборуваше со симпатии за рускиот лидер.
„Тој не е пријател на Америка кога станува збор за Украина. Воопшто не е“, рече Клејтон во интервју за „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News).
На прашањето за неодамнешниот опис на Трамп, кој го нарече Путин „пријател“, Клејтон посочи дека таков термин е „сосема соодветен“ во контекст на разговорите меѓу лидерите на трите големи нуклеарни сили – САД, Русија и Кина – за време на самитот во Кина минатата недела.
Како директор на ODNI, Клејтон ја координира работата на американската разузнавачка заедница, која опфаќа 18 разузнавачки агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Во четвртокот, Трамп ја бранеше својата изјава дека Путин му е пријател, забележувајќи дека „убаво е да се имаат за пријатели луѓе кои поседуваат 4.000 нуклеарни оружја, наместо да се имаат за непријатели“. Сепак, еден ден подоцна, тој одби да одговори дали Путин е пријател на Соединетите Држави во целост, наведувајќи: „Не можам да зборувам во име на Америка“.
Во 2022 година, Русија започна целосна инвазија врз Украина и во моментов контролира околу една петтина од нејзината територија. Путин не покажа подготвеност да се откаже од своето барање Украина да го отстапи целиот источен регион Донбас во замена за мир. Изјавата на Трамп за Путин предизвика критики од европските сојузници на Украина. „Г-дин Путин не е наш пријател и никогаш нема да биде“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.
Кога беше прашан за изјавите на Трамп во четвртокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски само ги крена рамениците и си замина.












