Дирекцијата за заштита и спасување склучи договор вреден 36,9 милиони денари (околу 600.000 евра) за сервисирање на противпожарните авиони „ер трактор“ со шпанската компанија „Титан фајрфајтинг компани“. Договорот опфаќа поправка, резервни делови, ангажирање странски механичари и набавка на дополнителна опрема за леталата. Сепак, не е прецизирано каде точно ќе се врши сервисирањето ниту колку авиони ќе бидат оперативни пред почетокот на сезоната на пожари. Според роковите, леталата треба да бидат сервисирани и вратени во земјава во рок од 60 дена, што значи дека во најоптимистичко сценарио, тие би се вратиле на почетокот на мај
Со нов договор вреден речиси 600.000 евра, Дирекцијата за заштита и спасување повторно ја ангажира шпанската компанија „Титан фајрфајтинг компани С. Л.“ за сервисирање на противпожарните авиони „ер трактор“. Договорот изнесува 36,9 милиони денари (600 илјади евра), а опфаќа поправка и сервисирање на авионите, резервни делови и дополнителни услуги потребни за нивната работа во сезоната на шумски пожари. Иако станува збор за клучна опрема за справување со летните пожари, од достапните информации не се разјаснети неколку важни прашања – каде точно ќе се изврши сервисирањето, колку авиони ќе бидат оперативни и дали сите ќе бидат подготвени навреме за почетокот на сезоната, туку само дека работата ќе ја изведува шпанската компанија која со години го одржува македонскиот противпожарен авионски парк.
Според договорот, леталата треба да бидат сервисирани и вратени во земјава во рок од 60 дена, што значи дека во најоптимистичко сценарио, тие би се вратиле на почетокот на мај.
Новина во овој договор е што, покрај редовното одржување, се предвидува и ангажирање странски механичари за време на противпожарната сезона, што треба да обезбеди побрза техничка поддршка доколку се појават дефекти во текот на летото. Во пакетот се вклучени и мотор за авион, кутија за негов транспорт, нов систем за распрскување, како и пена и ретардер што се користат при гаснење пожари од воздух. Договорот предвидува и набавка на нова лична заштитна опрема за пилотите, што укажува дека набавката не се однесува само на сервисирање, туку и на поширока оперативна поддршка за летната сезона.
Ова не е прв договор на Дирекцијата за заштита и спасување со истата компанија. Во изминатите години, институцијата повеќепати склучувала договори „Титан фајрфајтинг компани С. Л.“ за сервисирање на противпожарните авиони и набавка на резервни делови. Во 2021 година, бил склучен договор вреден околу 25 милиони денари, односно приближно 400.000 евра, а во следниот период имало и договор од околу 30,6 милиони денари, или приближно 498.000 евра. Новиот договор од 36,9 милиони денари претставува уште едно зголемување на трошоците за одржување на оваа флота, што покажува дека, со текот на времето, одржувањето на авионите станува сè поскапо.
Македонија располага со релативно мал број противпожарни авиони, што значи дека секој технички проблем директно влијае врз капацитетот на државата да се справи со шумските пожари. Во јавноста често се отвора прашањето дали сите авиони се оперативни во исто време бидејќи, во изминативе години, јавноста честопати слушаше дека едно или две од леталата биле на сервис или чекале резервни делови. Фактот што во новиот договор се предвидува и набавка на мотор, како и опрема за негов транспорт, отвора дополнителна дилема дали еден од авионите има посериозен технички проблем или, пак, моторот се набавува како резервна компонента за брза замена во случај на дефект. Засега нема официјална информација дали некој од авионите не е во можност да лета или е предвидено едно летало да се користи како резерва.
„Ер тракторите“ се користат за фрлање вода, пена и ретардер врз огнените линии и се особено важни за интервенции во тешко достапни планински подрачја. Последните години пожарите стануваат сè почести и поинтензивни, затоа е многу важно овие авиони да бидат во функција за навремена реакција на системот за заштита и спасување. И покрај значајните средства што се издвојуваат за нивно одржување, јавноста ретко добива детални информации за тоа колку авиони се во целосна функција, каде точно се сервисираат и колку време поминуваат на поправка.
(С. Бл.)












