EPA/CJ GUNTHER

Една од најголемите тенисерки на сите времиња, Серена Вилијамс, изјави дека не ја исклучува можноста за враќање на тениските терени и тоа во поединечна конкуренција, но нагласи дека таков чекор не е во нејзините непосредни планови, пред нејзиното враќање на теренот во двојки по речиси четири години.

Победничката на 23 титули од гренд слем во поединечна конкуренција ќе се натпреварува на турнирот во Квинс, Лондон, што ќе биде нејзин прв настап на тунир по паузата од Отвореното првенство на САД во 2022 година.

„Не можам да кажам не. Веројатно треба да тренирам малку повеќе ако сакам да играм во поединечна конкуренција, па ќе видиме дали ќе стигнам до таму. Ако не, тоа не е мојот пат во моментов“, рече Вилијамс на прес-конференција.

Американката ќе игра во двојки со 19-годишната Канаѓанка Викторија Мбоко, која е 25 години помлада од неа. Вилијамс, која има 44 години, последен пат одигра професионален натпревар во 2022 година. Во тоа време, таа одби да го употреби зборот „пензионирање“, наведувајќи дека „се оддалечува од тенисот преку еволуција“.

Поранешната тенисерка број еден во светот откри дека уште во декември била убедена дека дефинитивно нема да се врати на натпреварите.

„По неколку разговори си помислив, зошто да не? Лето е, децата не се на училиште, па ова е совршено време да излезам на теренот, да уживам и да видам што ќе се случи“, рече таа.

За време на нејзината кариера, Серена освои седум титули на Вимблдон и шест на Отвореното првенство на САД во сингл. Во конкуренција на двојки, таа стигна до 14 трофеи од гренд слем, вклучувајќи шест на Вимблдон и два во Њујорк, сите заедно со нејзината постара сестра Венус Вилијамс.

Пред да се врати на теренот, таа рече дека не врши никаков притисок врз себе за резултатот.

„Не ми треба да победувам. Победив повеќе отколку што повеќето луѓе победуваат во целиот свој живот. Немам што да докажувам. Немам што да изгубам и можам само да победувам. Одам на ова патување без никаков притисок“, рече Вилијамс.

Нејзината партнерка Мбоко оцени дека легендарната Американка е физички подготвена да се врати.

„Таа ја удира топката фантастично. Има исклучително чист удар и се чини дека никогаш не престанала да игра. Лично, мислам дека е подготвена. Таа е многу во форма и игра многу напорно, па ќе видиме што ќе се случи“, рече младата Канаѓанка.

ИЗДВОЕНИ