Се проценува дека како резултат на едногодишната интеграција во Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, досега се остварени заштеди од над 5 милиони евра. Заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА биле реализирани повеќе од 581 илјада трансакции, со вкупна вредност од околу 11 милијарди евра, соопшти Народната банка по повод една година од оперативното приклучување на земјава кон европската платежна област.

Од Народната банка посочуваат дека надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалени и до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите, во споредба со претходниот модел на кореспондентно банкарство. Дополнително, СЕПА веќе учествува со околу 69 % од вкупниот број прекугранични трансакции во евра, што покажува дека за помалку од една година станала водечки канал за ваквите плаќања.

Податоците покажуваат дека учеството на СЕПА во вкупниот број прекугранични трансакции во евра за одлив достигнало 67 %, додека кај приливите е 70 %. Во однос на вредноста, преку СЕПА се обработени повеќе од половина од прекуграничните трансакции во евра за прилив, а над 70 % од вредноста на трансакциите за одлив.

СЕПА сè повеќе се користи и преку електронските канали. Кај физичките лица, 70 отсто од електронските трансакции за прилив и 80 отсто од оние за одлив се извршени преку СЕПА. Кај компаниите, уделот изнесува 70 отсто кај електронските трансакции за прилив и 65 отсто кај оние за одлив. Од Народната банка очекуваат заштедите дополнително да се зголемуваат со зголемувањето на користењето на СЕПА. Според оценките, тоа може да создаде дополнителен простор за инвестиции кај компаниите, особено малите и средните претпријатија, но и директно да влијае врз расположливиот доход на домаќинствата.

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека една година по приклучувањето резултатите покажуваат конкретни ефекти од реформата.

– Пред една година направивме важен чекор кон европските стандарди во плаќањата. Денес, граѓаните и компаниите имаат побрзи, поедноставни и поефикасни плаќања во евра. Министерството за финансии создаде клучна реформа со која Република Македонија се приклучи кон СЕПА, со што се овозможи практичната имплементација од страна на Народната банка и банките. СЕПА е пример дека реформите не се само промени во законите, туку конкретни придобивки за граѓаните и бизнисот – напиша Димитриеска-Кочоска на Фејсбук.

Приклучувањето кон СЕПА беше овозможено по донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, подготвен од Министерството за финансии и предложен од Владата, како и со усвојувањето на подзаконските акти од страна на Народната банка. Барањето за пристапување беше поднесено на 10 јули 2024 година, а на 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата.

Станува збор за платежна област која опфаќа 41 европска земја. Според Народната банка, СЕПА не носи придобивки само преку поевтини и поефикасни прекугранични плаќања, туку отвора и можности за понатамошна дигитализација, финансиска вклученост, иновации и зголемување на конкурентноста на домашната економија.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ