Публиката го испочитува побараниот „дрес-код“, дојде облечена во бели маички со бели панталони. Врвот на изненадувањата се случи кога со специјалните бели светлечки алки се создаде океан од светлина, а која се преливаше во зелена, сина, црвена и розова боја
Арената „Борис Трајковски“ потврди дека и македонските пејачи можат да ја исполнат до последното место, не само српските или хрватските. Токму тоа се случи викендов, со концертот на Јован Јованов и Елвир Мекиќ. Јован, кој на времето беше основач на групата „Магија“ со која и победи на еден од макфестовските фестивали, сега на сцената настапи заедно и со Тони Зен, Адријан Гаџа, Маја Саздановска, Пајак и Врчак, лото девојката Маријана Станојковска, но и со гостите од Србија – раперот Џус и танчарката Слаѓа Делибашиќ. Кога музичкиот спектакл почна со мегахитот „Слаба точка“, публиката, без претерување, падна во делириум. Тоа што се случуваше не беше само обичен концерт туку и вистински рај за очите. Досега не виден спектакл, за кој на домаќините Елвир и Јован мора да им одадеме почит. Целиот простор во арената навистина изгледаше магично, додека Јован и Елвир се покажаа и со извонредни танчарски способности.
Мошне интересен е податокот дека и покрај тоа што и двајцата се веќе остварени како родители, љубовта кон сценските настапи, и на овие години, не ги напушта. Од публиката, првпат во живо, силно им ракоплескаа и нивните деца. Ќерката на Јован, која допатува од Онтарио, Канада, а синот на Мекиќ од Сараево, Босна.
Потоа, Елвир ја запеа „Некаде после два“, а публиката повторно не можеше да се отрезни од магијата. Сите се кренаа на нозе и танцуваа до последниот атом на снагата, особено кога Елвир се претстави со моќната песна „Армија“. Перфекција на уживање се случи додека на сцената, со своите хитови, настапуваа и Врчак, Адријан Гаџа, раперот Џус, Пајак, Тони Зен, Маја Саздановска и сè уште сексапилната српска танчарка, Слаѓа Делибашиќ. Не останавме куси ниту за незаборавните хитови: „Ич не ме боли“, „Скандал“, „Интелект“ и „Итно ми требаш“. Дефинитивно е сигурно дека на македонската публика итно и фалеше еден ваков концерт. Логично, со македонски хитови и без кавери или препеви. Ете и тоа може само ако се сака и пред сe, ако добро се осмисли. Јован и Елвир успеаја. Сакаме пак!
(Д. М.) фото: П. Стојановски







–













